Противниците на битолската депонија ќе одат од куќа до куќа , ќе објаснуваат што значи регионална депонија


БИТОЛА – Во Битола синоќа се одржа десеттиот по ред протест против депонија во Пелагонија, а демонстрантите кажа дека имаат само една цел – откажување на проектот. Сега имаат намера да одат од маало во маало, од куќа на куќа и да ги запознаваат граѓаните на Битола што значи регионална депонија.

„Чекаме да се изјаснат битолските советници од СДСМ, (заедно со Левица и Понаку) со што би го презеле Советот на општина Битола и да ја поништат одлуката за формирање на регионална депонија во атарот на село Новаци. Чекаме. Но трпението има почеток и крај. Планираме да организираме по два или три наши членови да крстариме низ Општина Битола и да ги запознавме граѓаните со овој горлив проблем“, рече Тони Апостоловски член на координативното тело што ги води протестите во Битола.

Демонстрантите рекоа дека не веруваат во овој проект особено не на изградба на обиколница која ќе води директно низ Пелагонија до локацијата за депонија, а не веруваат ни во изградба на прочистителна станица која треба да ги третира подземните води по изградбата на регионалниот центар за цврст отпад.

„Има места каде треба да се вложува во Битола, нешто корисно за градот, а не да бидеме регионална депонија. Доволна ни е депонијата Мегленци, бевме видовме, смрди корни. Нека биде депонија за Битола, Новаци и Могила. Регионалната носете ја на безбедно место “, рече Зоран Лазаровски.

Демонстрантите најавија продолжување на протестите со нова блокада на патот Битола – Новаци – РЕК „Битола“, но овој пат велат дека ќе биде порадикално, во време кога вработените од комбинатот одат и се враќаат на работа. Демонстрантите после секој протест маршираат од плоштадот „Магнолија“ до Офицерскиот дом во Битола на Широк Сокак. (А.Б.)