Протестираат транспортерите на „Фени“, бараат исплата на над два милиона евра
Протестираат транспортери кои возеа за поранешно „Фени“, бараат исплата на два милиона и сто илјади евра. Ова го истакна , Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ – Кавадарци. На мирниот протест денеска во центарот на Кавадарци, транспортерите дојдоа со своите товарни возила.
Пеовски појасни дека ова е мирен протест на транспортерите кои возеа за поранешно „Фени“, барајќи си ги парите. Тој рече дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.
– Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но, до ден денес, нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство, нагласи Пеовски.
Тој подвлече дека бараат средба со надлежните во државата, за изнаоѓање решенија за решавање на нивниот проблем.
– Ние нема тука да застанеме, туку во периодот што следува ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, се до остварување на нашите барања, истакна Пеовски.