Протести во Франција поради најавената пензиска реформа
Во Франција денеска повторно има бран протести поради најавената пензиска реформа со која се предвидува поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, а штрајкот што е во тек веќе влијае на производството на струја, јавниот превоз и наставата во училиштата.
Синдикатите, кои закажаа протести низ целата земја, очекуваат голем одѕив, како оној на 19 јануари, кога над милион луѓе излегоа на улиците. Според извештаите на светските агенции, штрајкот го поддржаа и средношколците кои излегоа пред училиштата и по улиците. Нив им се придружија и наставниците, како и наставниците од основното образование.
Производството на струја е помало за 4,4 отсто, односно 2,9 гигавати, бидејќи во штрајкот учествуваат вработените во термоцентралите и нуклеарните централи, соопштија од енергетската компанија ЕДФ.
Само еден од трите француски брзи TGV возови работи денеска, регионални и локални возови има се помалку, а париското метро работи со многу ограничувања.
Со работа ќе престанат и вработените во нафтената индустрија.
Нафтената компанија „Тотал Енерџи“ најави дека нејзините производи нема да се транспортираат поради протестите, но истовремено потенцираа дека бензинските пумпи се добро снабдени.
„Реформата е брутална и неправедна“, рече претседателот на синдикатот на државните службеници УНСА, Лик Фаре, додавајќи дека пензиската реформа претставува „чекор наназад во социјална смисла“.
Според анкетите, мнозинството француски граѓани се против пензиските реформи предложени од претседателот Емануел Макрон и неговата Влада, но засега ниту една страна не покажува намера да отстапи.