Протестен марш во Скопје: КСС бара повисоки плати и K-15 во јавниот сектор
Усогласување на платите во јавниот сектор согласно со покачувањето на минималната плата и исплата на К-15 во јавниот сектор, бара Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Овие барања синдикалците ги изнесоа попладнево на протестен марш во Скопје, кој почна пред Собранието, а заврши пред Владата.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски посочи дека тие се и против трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор.
– Бараме усогласување на платите во јавниот сектор со покачувањето на минималната плата кое во моментот е 25 проценти. Бараме и исплата на К-15 во јавниот сектор бидејќи сме дискриминирани, а не се согласуваме и со трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор, изјави Ралповски.
Тој информира дека вчера биле повикани од службите во владата, но иако побарале, не оствариле средба со премиерот или со некој од министрите.
Претседателот на СОНК Јаким Неделковски рече дека се приклучуваат на протестот на КСС и на барањата за зголемување на платата за 25 проценти во образованието.
Неделковски нагласи дека ова е последен предупредувачки протест пред генерален штрајк.