Протест за сечата: „Тука неодамна, постоеше дрво!“
Повеќе граѓани, жители на Дебар Маало во Скопје, денеска на пладне, протестираа против ненајавената сеча на дрвја на улицата „Орце Николов“, која се реконструира веќе неколку месеци.
Со транспаренти во рацете, испишани на картон, се собраа на раскопаната улица, на местото каде до завчера стоеја дрвјата, сега веќе исечени, под оправдание дека биле стари, без коре и претставувале опасност за минувачите и автомобилите. Но, од фотографиите при сечењето можеше да се види само едно труло стебло, додека другите паднаа здрави.
На транспарентите беа испишани пораки за придобивките од така равиени повеќегодишни дрвја во центар на еден град. Порачуваа дека се намалува температурата на воздухот, дека тие го прочистуваат воздухот, дека на граѓаните, едноставно им е потребно зеленило во градот.
– Изреволтирани сме, затоа што бевме изманипулирани. Изманипулирани бидејќи во мај, градоначалникот на Општина Центар најави дека дрворедот на улица „Орце Николов“ ќе биде заштитен. Дека, цитирам: „Постоечкото зеленило ќе биде надополнето со ново.“ За минатиот четврток да се случи трагедија. Да се исечат овие дрвја, кои не ги гледаме позади нас. Велат дека беа целосно суви и трули“, велат организаторите на протестот.
– Катастрофално е тоа што ѝ се случи на улицата „Орце Николов“. Градот Скопје има урбани топлински острови. Има низа стратегии за справување со климатската криза, но надлежнието очигледно, дека ни една од тие стратегии не ги консултираат. Ниедна од тие мерки не ги применуваат на терен и со тоа нѝ го загрозуваат животот и здравјето – додаваат од таму..
Протестот е во организација на коалицијата на локални граѓански здруженија ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, и има поддршка од сите релевантни фактори во областа на екологизмот и урбанизмот.
– Како причина за овој протест го наведуваме неодговорниот и манипулативен однос на властите, кои го оправдуваат овој најнов масакр врз кревкото градско зеленило со наводна дотраеност на дрвјата, иако повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни и обезбедуваа воздух и сенка за локалните жители. Со ваквите нетранспарентни и антинаучни одлуки, властите потврдуваат дека немаат никакво разбирање за критичната состојба со животната средина, и дека немаат слух за потребите на скопјани – велат организаторите.
Во однос на барањата упатени до нив од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, Општина Центар појаснува неколку, како што се наведува во соопштението, дилеми кои изминатите денови кружат во јавноста.
-Издадено е решение за отстранување на 13 дрва, од кои отстранети се осум, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва. Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија, потенцираат од Општината.(Б.Б.)