Протест за Јана во Битола: Од плач и молк до гнев и револт за состојбите во здравството и државата (фото)

Битолчани се собраа на плоштадот Магнолија да изразат сочувство до семејството Христовски од Кравари, но гневот и револтот за нефункционалното здравство не можеше да се потисне


(Фото: Независен.мк)

Од солзи и сочувство за малата Јана до гнев и револт за состојбите во македонското здравство, политика и државата протече протестот за малата Јана Христовска (6) од битолско Кравари која минатата недела почина во Битолската болница. Битолчани во голем број се собраа на плоштадот Магнолија да изразат сочувство и поддршка до семејството Христовски од Кравари, но накрај гневот и револтот за нефункционалното здравство не можеше да се потисне.

(Фото: Независен.мк)

Правејќи аналогија со познатата песна „Цветови“ на Славко Јаневски, стихови рецитираше Благојче, инвалид во количка, еден од присутните на протестот кој го повика премиерот Димитар Ковачевски наместо да оди по маркети и да се слика со намалени цени по рафтовите, да влезе по болниците, да види дали има терапија за болните и каков кадар работи.

На протестот со бројни транспаренти беа испратени пораки до надлежните дека се очекува правда за Јана.

(Фото: Независен.мк)

„Ако немаш пријател умри си“, „Излезете пред јавноста кажете ја вистината“, „Купена диплома слугува на народот“, порачаа насобраните битолчани.

„Бараме правда и правна разрешница за смртта на Јана. Извештајот на ДСЗИ не го коментираме, сметаме дека не е релевантен колку што е важна обдукцијата. Обдукцијата мора да ги даде сите одговори, а го чекаме Обвинителството што ќе преземи за овој случај. Семејство ни порача дека не може да ја вратат Јана, ама сакаат колку што е можно повеќе да спасат други деца за да не ја доживеат судбината на малата Јана“, рече Игор Петковски, кум на починатото девојче.

(Фото: Независен.мк)

Јана Христовска почина минатата среда во битолската болница, откако со симптоми на настинки родителите побарале лекарска помош. По примената инфузија и измерен шеќер во крвта од 9 единици, ситуацијата на Јана се влошила, а шеќерот се покачил на 19, по што за неколку часа настапила смртта. Лекарите се обиделе да ја повратат во живот но без успех.