Протест во Кисела Вода, градилиштата им ја загрозуваат безбедноста
Жителите на улицата Народни Херои во скопската општина Кисела Вода излегоа на мирен протест на крстосницата меѓу улиците Народни Херои и Борис Трајковски.Причина за протестот се нерешените инфраструктурни проблеми и законските прекршувања од страна на околните градилишта, кои, според
жителите, значително ја загрозуваат безбедноста на пешаците и гo отежнуваат пристапот до нивните домови.
„Се крши законот за безбедност во сообраќајот (член 26), при што камионите од блиското градилиште ја посипуваат улицата со земја и кал, создавајќи опасност за пешаците и возилата на единствената пристапна улица, која е без тротоар. Се крши и Законот за градење (член 83), бидејќи околните градилишта остануваат незаградени, а тоа претставува дополнителна опасност за жителите и минувачите. Најавено ни е блокирање на пристапот до нашите домови поради ископ на канал, па ние, станарите од зградата број 18, нема да можеме да пристапиме со возила до нашите домови, што е посебно загрижувачки за пристапот на возила на брза помош, противпожарни возила и јавна хигиена“, посочуваат граѓаните во најавата.
Градоначалникот и градежниот инспектор, додаваат тие, се запознаени со овие проблеми и постојните законски прекршувања, но преземените мерки и ветувањата за подобрување на безбедноста на улицата сѐ уште остануваат само на зборови.
Градилиштата и тешката градежна механизација која поминува на тесната сервисна уличка веќе предизвика неколку инциденти, меѓу кои и скинати кабли од бандерите, срушен столб за улично осветлување и изгребани возила. „Не можеме да чекаме да настрада и човек, па дури потоа да реагираме“ – велат станарите
Трпението на жителите е доведено до точка на вриење, по најавата дека пристапот до нивната зграда ќе биде блокиран за возила, што е неприфатливо и спротивно на законите и урбанистичките планови.
„Протестот е повик за решавање на горливите проблеми кои се провлекуваат веќе подолго време и за подобрување на условите за безбедно живеење и пристап до нашите домови. Ако и овој наш крик не вроди со плод, најавуваме дека ќе го радикализираме протестот“, наведено е во најавата.
Набргу се јави градоначалникот кој има амбиции да сја замени Данела Арсовска во Скопје. „Спорот кој граѓаните од улицата „Народни херои“ го имаа со ЕСМ Топлификација, сега е надминат“, објави тој.
„Денес во мојот кабинет ги повикав граѓаните кои денес го изразија своето незадоволство преку мирен протест, а во врска со проблемот околу ископувањето на ЕСМ за приклучоци на домаќинствата на топлинска мрежа. На разговор го повикав и директорот Петар Милетиќ за и тој да го слушне она што имаат жителите на таа улица да го кажат. Излеговме на терен, на лице место да извршиме увид во работните активности и да најдеме заедничко решение кое ќе биде прифатливо за сите. Директорот Милетиќ ќе ја забрза динамиката на работа сѐ со цел побрзо да се направи приклучокот, а пристапот на жителите до своите домови нема да им биде оневозможен! Извршувањето на секојдневните активности во ниту еден момент нема да им биде попречено. Во наредниот период ќе бидат и во постојана комуникација за да нема повеќе вакви или слични ситуации. За мене најважен е мојот народ и затоа не постои проблем кој не можеме да го решиме, доколку делуваме заедно“, напиша Ѓорѓиевски.