Протест против загадувањето, се бара дислокација на „Усје“
Во организација на Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ вечерва се одржа протест со блокада на крстосницата на булеварите „Борис Трајковски“ и булевар „Србија“ во Скопје.
Учесниците на блокадата бараат надлежните институции да најдат решение на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, како што велат, предизвикано од работењето на Цементара Усје со нејзина дислокација.
„Воздухот наш за профитот ваш“, „На хартија бело, во дробови црно“, „Не сакаме изговори сакаме чист воздух“, се дел од пораките на истакнатите транспаренти на блокадата.
– Наместо заштита на јавното здравје, сведоци сме на системско игнорирање на алармантните податоци, неделување и прикривање на одговорноста. Нашата порака е јасна: нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот, велат од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.
Од компанијата денес испратија реакција во која ги отфрлија обвинувањата со кои таа се посочува како загадувач.
„Целосно ја разбираме загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во градот, но нашата компанија не е причина за тоа. Напротив, ТИТАН Усје работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ТИТАН Усје соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија.
Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на факти и на научни податоци. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место“, соопштија од „Усје“.