Протест против сечењето 100 дрвја во Аеродром, од градот тврдат дека ќе засадат трипати повеќе


Коалицијата на невладини организации Зелен хуман град денес организираше протест во Аеродром за да спречи, како што тврдат, да се исечат околу сто здрави дрвја кои веќе се обележани , а со цел да се прошири улицата Васко Карангелески. 
 
– Овој  масакр е платен со наши пари. На прагот сме на носење нов ГУП за Скопје, во процес сме на изработка на План за одржлива мобилност на Скопје (SUMP), немаме сеопфатна сообраќајна студија ниту податоци за оптимизација на јавниот транспорт. Без комплетирање на тие појдовни податоци не смее да се реализираат проекти врз основа на планови стари повеќе од половина век.
 
Бараме веднаш да се запре со планираното проширување и да не се дозволи масакр на здрави зрели дрвја во Аеродром – една од најзагадените општини во еден од најзагадените градови во Европа и во светот. Град што не се развива одржливо е град што умира! Не смееме да дозволиме неукоста и клептократијата да ни го земаат здравјето и да нè чинат животи. Скопје мора да биде зелен и хуман град, порачаа од ЗХГ. 
 
Ваквите обвинувања ги отфрлија како манипулација од Град Скопје, но не негираа дека ќе се сечат дрвја туку порачаа – дека ќе се насадат трипати повеќе.

 

-Град Скопје ги демантира наводите на „Зелен хуман град“ со кои свесно се манипулира јавноста дека со пробивањето на улицата Васко Карангелески ќе биде изгубено зеленило. Спротивно на тоа, по завршувањето на изградбата и пробивањето на улицата и нејзиното поврзана со булеварот  Трета македонска бригада ќе биде засаден дрворед од повеќегодишни високостеблести садници по должината на целата улица, со што речиси тројно ќе се зголеми зеленилото по должината на улицата. Дополнително покрај тројното зголемување на дрворедот улицата во делот од крстосницата со улицата Владимир Комаров до крстосницата со булеварот  Трета македонска бригада ќе добие нови тротоари, велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и ново ЛЕД осветлување. Со тоа се зголемува нивото на безбедноста и на велосипедистите и на пешаците кои се движат на овој потег, особено имајќи  предвид дека во непосредна близина се наоѓаат основното училиште Љубен Лапе, еден пензионерски дом и поликлиниката Јане Сандански.

Дополнително проектот за изведба на оваа сообраќајница беше претставен пред иницијативата #НаTочак на состанок одржан на 23 јуни каде што се покажани решенијата за велосипедските патеки, тротоарите, новото осветлување и зазеленување на тротоарите. Ова е од особена важност за учениците од блиското основно училиште кои во моментот немаат тротоар од својата страна на улицата. Од претставникот на иницијативата е искажано разбирање за нужното проширување…

Потегот од улицата кој поминува покрај основното училиште во моментов нема ниту пешачка, ниту велосипедска патека од страната на училиштето, а тротоар има само од страната на пензионерскиот дом, што и денес го прави движењето на пешаците и на велосипедистите на овој потег недоволно безбедно. Оваа сообраќајница е од исклучително големо значење за новите населби кои се изградија на местото на некогашните воени бараки и некогашната касарна Гоце Делчев, каде што популацијата е повеќекратно зголемена, стои во реакцијата на Град Скопје. 

Од Зелен хуман град пак изјавија дека протестот го одржуваат по реакцијата на граѓаните токму во тој дел на градот.