Протест против Брегзит пред Европската комисија
Група активисти против Брегзит денеска протестира пред седиштето на Европската комисија во Брисел, барајќи од Европската унија да ги отфрли предлозите на британскиот премиер Борис Џонсон за планираниот излез на земјата од ЕУ.
Демонстрантите носеа слогани како што е „Стоп Брегзит“, а се собраа пред зградата на ЕК, каде што треба да продолжат разговорите на официјалните претставници на ЕУ и Британија за тоа како може да се избегне излез на земјата без договор.
– Очекуваме ЕУ да каже дека предлозите на Џонсон немаат смисла и дека не треба да се спроведат. Целата оваа работа е бесмислена, рече еден од присутните, Британецот Емануел Хемингс (45).
Активистите бараат втор референдум за Брегзит, кој, како што вели Хемингс, ќе биде за „актуелната реалност“.