Протест пред српската амбасада во Скопје – младите се солидаризираа со студентите во Србија

„Со вас сме! Останете истрајни! Народот ќе победи“, порачаа присутните од протестот во Скопје


Неколку млади лица денеска се собраа пред Амбасадата на Република Србија во Скопје, во знак на солидарност со српските граѓани и студенти, кои блокираат факултети и бараат правда.

Протестот беше во организација на Здружението за едукативен развој „Еквалис“, а се одржа како поддршка за студентите во Србија, кои последните неколку недели протестираат револтирани од трагедијата во Нови Сад, каде при пад на настрешница на Железничката станица загинаа 15 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин. Протестите во Србија имаат за цел да побараат одговорност за овој настан, но и да изразат општо незадоволство од состојбите во земјата.

Пред српската амбасада во Скопје се собраа петнаесеттина млади лица, кои рекоа дека се приклучуваат кон барањата на студентите и студентките од Нови Сад: објавување на комплетната документација поврзана со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад; кривично гонење и спроведување на кривични постапки против правните и физички лица одговорни за рушењето на настрешницата во Нови Сад, во согласност со законот; оставки и утврдување кривична одговорност на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ; кривично гонење и спроведување на кривични постапки против сите лица одговорни за напади врз учениците, студентите и граѓаните вклучените во мирните демонстрации, како и кривично гонење и спроведување на кривични постапки против полициските службеници одговорни за нападите и нанесување повреди на Илија Костиќ.

„Со вас сме! Останете истрајни! Народот ќе победи“, порачаа присутните од протестот во Скопје.

 

 
На иста тема: