Протест „Ниту една повеќе“: Кон фемицидите придонесуваат молкот, стигмата и срамот

„Ниту една повеќе“: Росица немаше да биде убиена ако институциите постапуваа
Пред Министерството за внатрешни работи денес се одржа протест на кој граѓани и активисти побараа институционална одговорност за фемицидите во Македонија.
Повод за протестот беше убиството на Росица Коцева од Велес и нејзиниот татко, застрелани од нејзиниот поранешен партнер Илија, кој потоа си го одзел животот.
„Се собираме скршени од тага и разбеснети од колективниот крах на системот, игнорантскиот однос кон жртвите на насилство кој доведува до фемициди. Се случи уште еден фемицид и сите институции кои со години минимизираат и релативизираат, поттикнуваат и дозволуваат насилство врз жените се виновни. И полицијата, и центрите за социјална работа, и обвинителството, и судовите. Образовниот систем наместо да промовира родова еднаквост и емпатија, со својот пристап придонесува кон креирање на сексисти и насилници. Покрај страшната некоординираност и затајувањето на институциите, кон фемицидите придонесуваат молкот, стигмата и срамот,“ изјави една од активистките.
Присутните упатија јасни барања: санкции и дисциплински постапки за полицајци, обвинители и вработени во центрите за социјална работа, како и воведување на обврзувачки протоколи за институциите што постапуваат во случаи на семејно и родово базирано насилство. На протестот гласно одекнуваше пораката: „Ниту една повеќе!“