Протест на здруженијата за заштита на животните пред Влада
Во петок на 13.01.2023 година, под мотото „Не сте безбедни во својата држава„ Ајде да пробаме по наше!“ , десетици здруженија за заштита на животните и поединци – активисти, ќе одржат протест пред седиштето на Владата, a по повод последниот стравотен настан што се случи во Струга, кога човек шетајќи со пушка низ градот уби десетина кучиња и по зачестените напади на граѓани од страна на кучињата по улиците.
Одбиваме во 21 век да бидеме сведоци на примитивизам, насилство и на незаконско и ѕверско однесување на поединци кое носи непоправливи штети, а може да загрози и човечки животи. Свесни ли се воопшто надлежните дека некои од куршумите наменети за кучињата можеа да усмртат луѓе?
Ние, како здруженија и како активисти, свесни сме за преголемата популација кучиња низ целата територија на државата и правиме сè што е во наша моќ да вдомиме и да ги тргнеме од улиците, но битката не можеме да ја водиме сами, оти оние кои се надлежни да ги носат одлуките се глуви за проблемот!
За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои можат да настрадаат и луѓе, до надлежните институции, кои патем се најповикани за решавање на проблемот, ги поставуваме следните барања:
– Обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територија на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците;
– Задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – парична казна од 80 евра првиот пат и 180 евра казна, доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата;
– Зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело кое ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл.) и за нечипирани миленици;
– Зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици, бидејќи моменталната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња;
– Забрана и казни за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници;
– Ангажирање локални инспектори или формирање на посебно тело, Animal Police кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица, бидејќи секојдневно се соочуваме со нови и нови кутриња кои како партали се фрлаат пред контејнерите. Сите тие понатаму стануваат бездомни кучиња, доколку не ги преземат здруженијата и љубителите!
– Изградба на азил за кучиња во секоја општина, во соработка со локалните здруженија.
И нам ни е преку глава од држава која дозволува неконтролирано размножување и дозволува создавање глутници во урбани средина. И нам ни е преку глава од кучиња на улица кои секој психопат се дрзнува да ги мачи, убива и да ги малтретира. И ние не сакаме да гледаме повредени луѓе од кучиња на улиците! И нам ни е преку глава од функционери кои улиците ги минат со скапи коли од буџетски пари, кои можат да бидат пренаменети за да се реши овој повеќедецениски проблем. Видовме дека нивните начини на справување со проблемот НЕ ВРОДИЈА плод! Слушнете го нашиот глас и нашите предлози, бидејќи ние сме тие што секојдневно се соочуваат и одблиску ги гледаат проблемите и страдањата, и на кучињата, и на луѓето!
Секој градоначалник, секоја општина, секој пратеник, секој министер, мора широко да ги отвори очите и да го реши овој проблем, од корен! Секое друго решение ќе нè враќа назад, додека не стигнеме до ниво на Дивиот Запад, кон кој сигурно чекориме! Нема повеќе оправдувања! Кучињата по улиците се последица на неодговорното однесување на луѓето и само со инспекции, казни и законски измени, а во соработка со здруженијата, може да се дојде до системско решение во корист на граѓаните. Не прифаќаме никаква друга опција!