Протест „1 од 5 милиони“ во Белград-На однапред украдени избори не излагаме
Протестот на повеќе илјади граѓани во Белград започна на Теразиска чешма, по што продолжи со протестна прошетка низ централните белградски улици до зградата на РТС.
На протестот говореше градоначалникот на Шабац и еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС) Небојша Зеленовиќ, кој порача дека „опозицијата на однапред украдените избори нема да учествува и дека нема да се вратат во Собранието, кое е укинато од српскиот претседател Александар Вучиќ, како и сите други институции.“ Тој порача дека опозицијата нема да отстапи и дека ќе продолжи со протестите, до конечната победа.
-Оваа борба ќе ја добиеме, но не на мускули, туку со ум. Ќе победиме на првите поштени и слободни избори-изјави Зеленовиќ.
На протестите говореше и драматургот Синиша Ковачевиќ и новинарот Вукашин Обрадовиќ, член на стручниот тим на протестите, кој ја престави платформната на здружената опозиција за дијалог со власта.
-Услови за фер избори денес не постојат. Ние ги специфициравме во шест работи: прво, според Уставот, претседателот го изразува државното единство и барањето е тој да се обврза на неутралност. Потоа, се бараат оставки на министерот и државниот секретар на Министерството за култура, бидејќи се одговорни за медиумската темница, бараме да се сменат сите членови на Советот на РЕМ, бидејќи не ги исполнуваат своите законски обврски, потоа, РТС и РТВ Војводина треба да бидат независни, а бараме и формирање на надзорен одбор за избори, кој ќе ги евидентира нерегуларности за време на изборите. На крајот, Републичката изборна комисија и Министерството за јавна администрација и државното обвинителство повеќе да се ангажирааат, особено во однос на избирачкиот список – наведе Обрадовиќ.
Протестот заврши пред зградата на Радио Телевизија Србија, каде што учесниците на протестот ја покрија влезната врата со налепници со порака “Стоп на лагите, биди нормален” и со слика со испреплетени прсти, како што обично ги држи претседателот Александар Вучиќ.