Протекоа четири американски „екстремни“ сценарија: Што ако умре Зеленски или Путин?
Гардист од Националната воздухопловна гарда, осомничен за објавување на доверливи документи на американската воена разузнавачка служба на интернет, се појави вчера пред федерален судија во Бостон за да се соочи со обвиненијата дека незаконски зел и задржал доверливи документи.
Џек Даглас Тешеира (21) од Норт Дајтон, Масачусетс, кој беше уапсен во неговиот дом од агенти на ФБИ, се појави пред федералниот суд облечен во каки комбинезон. На сослушувањето, водечката федерална обвинителка за национална безбедност во Бостон, Надин Пелегрини, рече дека Тешеира е пред судење, а сослушувањето за притвор е закажано за среда.
Документи објавени на Дискорд
Доверливите документи кое се во центарот на истрагата беа објавени на социјалната мрежа Дискорд во март, па дури и порано, но вестите за нивното постоење се појавија кога Њујорк Тајмс ги објави минатата недела. Се верува дека тоа е најсериозното нарушување на безбедноста откако повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски информации беа објавени од Викиликс во 2010 година.
Сега Асошиетед прес и Њујорк тајмс објавија нови документи кои ги откриваат американските сценарија за четирите „најлоши опции“ во војната во Украина. Документите вклучуваат анализа за тоа што би можело да се случи во случај на смрт на рускиот претседател Владимир Путин или украинскиот претседател Володимир Зеленски. Документите се означени како „тајни“, пониско ниво од ознаката „строго доверливо“.
Четири екстремни сценарија
1. Украина го напаѓа Кремљ
Едно од четирите хипотетички сценарија опишува што би можело да се случи доколку Украина го нападне Кремљ. Идентификуван е широк опсег на можни импликации. Може да дојде до ескалација, при што Путин ќе одговори на гневот на јавноста со започнување на голема воена мобилизација и размислување за употреба на тактичко нуклеарно оружје, се вели во документите. Спротивно на тоа, стравовите на населението може да го наведат рускиот лидер да се обиде да преговара за решение на војната.
Администрацијата на Бајден би била особено загрижена за можен украински напад врз Москва, бидејќи тоа би можело да предизвика драматична ескалација, се наведува во документите. Ризикот од ваков напад од Украина е една од причините поради кои САД се двоумат да му снабдат на Киев ракети со поголем дострел, пишува Њујорк Тајмс.
2. Путин ги отпушта врвните воени советници
Доколку рускиот претседател Владимир Путин ги отпушти своите највисоки воени советници, тоа би довело до ескалација, а документите сугерираат дека во тој случај рускиот лидер би можел да одобри употреба на тактичко нуклеарно оружје.
„Ова може да се случи само во две ситуации – ако олигарсите го доведуваат во прашање процесот на донесување одлуки на Путин и ако не успеат да го решат проблемот со недостигот на муниција. Ова е сценарио кое во овој момент изгледа малку веројатно“, се вели во документите.
3. Зеленски умира
Третото сценарио се однесува на смртта на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ако лидерот во Киев умре, најлошото сценарио е европските лидери да ја ограничат испораката на оружје, се вели во документите. Сепак, документот укажува дека „високиот украински лидер“ би можел и „да ја задржи домашната и странската поддршка“. Така би се назначил наследник, забележува Њујорк Тајмс.
4. Путин умира
Во документите се споменува и сценарио во случај на смрт на Владимир Путин, но Њујорк Тајмс не објави детали за тоа. Тие велат дека документот прикажува различни можни сценарија, без да проценат кои би можеле да бидат најверојатните.
Неколку американски функционери деновиве рекоа дека објавените документи се „застарени“ и во многу случаи не ги претставуваат тековните проценки на разузнавачката агенција.