Просветна инспекција ќе оди во училиштето во Челопек каде имаше приредба со пластични пушки и униформи на ОВК
Државниот просветен инспекторат ќе го проверува каква приредба се случувала во основното училиште „7 март“ во селото Челопек, каде учениците носеле пластични пушки и биле облечени во униформи на ОВК. Во изјава за Канал 5, министерката за образование кажа дека доколку се утврди прекршување на Законот за основно образование, како и на принципите на демократија, соживот, емпатија и базични човекови вредности, ќе има санкции и за директорот и за наставниците.
„Кога во училиштето ќе се појави некаква приредба во која се промовира милитантизам со униформи на нерегуларна војска со амблеми и со играчки пушки и пиштоли не укажува на овие вредности. Затоа ќе испратиме Државен просветен инспекторат да провери дали се работи по план, дали е ваквата приредба пријавена, кој ја одобрил ваквата приредба и сѐ друго што значи соодветно работење на раководството, дали одговара на Законот за основно образование, каде се вели дека нема да има дискриминација“, рече Јаневска.
Видеото од приредбата кое беше објавено на Фејсбук страната на училиштето, сега е тргнато од социјалните мрежи.
За случајот вчера информираше министерката Јаневска која изрази загриженост и разочараност од раководството на училиштето, наставниците и родителите. Според сознанија на министерството слични активности имало и во две други училишта за кои Јаневска најави дека ќе испрати инспекција.