Просечната плата надмина 500 евра – 31.080 денари

Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук напиша дека ветувањето на СДСМ од 2017 година во целост е реализирано


 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март годинава, изнесува 31.080 денари и во однос на март лани е зголемена за 10,1 процент, објави денеска Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4  проценти), Уметност, забава и рекреација (20,2  проценти) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна  (19,5 проценти).

„Благодарение на првичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано“, објави на својот Фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.

„Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“, објави Ковачевски.

Тој изразува благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои, како што напиша, доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување.

„Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на СДСМ“, напиша Ковачевски.