Просечната цена на струјата за домаќинствата нема да се зголеми повеќе од еден отсто, вели Бислимоски


 

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција рече дека не очекува просечната цена на струјата за домаќинствата да се зголеми за повеќе од еден процент, почнувајќи од 1 јануари идната година. Тој ваквата процена ја темели на цените кои РКЕ ги одреди за мрежарината, за преносот и за дистрибуцијата на елктричната енергија, како и врз основа на понудената цена од страна на ЕСМ до универзалниот снабдувач ЕВН хоум која што изнесува 62 евра за мегават час.

Колкаво ќе биде точно зголемувањето на цената на електричната енергија, како и цената по одделни блокови на потрошувачи, ќе биде познато деновиве откако пресметките ќе ги направи ЕВН хоум кој како универзален снабдувач е надлежен за тоа и потоа таквите цени ќе ги достави до РКЕ на контрола и на конечно одобрување. Цените ќе се однесуваат на регулираниот пазар на електрична енергија преку кој се снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи.

„Во крајната цена на електричната енергија уделот на мрежарината е 38 отсто. Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која што ја пријави и ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач, која што изнесува 62 евра за мегават час, јас не очекувам покачувањето на електричната енергија на просечната цена за домаќинствата да биде поголемо од еден процент“, рече Бислимоски.

Инаку, на прес конференцијата Бислимоски ги соопшти одлуките од денешната седница на РКЕ, а се однесуваат за пренос на електрична енергија, за дистрибуција на електрична енергија и цената на операторот на пазарот за електрична енергија, односно за делот што го регулира РКЕ.

„Делот кој што е најбитен и се однесува на домаќинствата и на најголем дел од малите потрошувачи, односно мрежарината, вклучувајќи го преносот и дистрибуцијата, таму имаме намалување за седум проценти“, рече Бислимоски.

Тој посочи дека во однос на останатите просечни цени, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува за 5,68 проценти, при што влијанието врз крајната цена е 4 проценти, потоа цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува за 5,52 проценти, а влијанието на крајната цена изнесува 33 проценти, како и цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува за 19,8 проценти, но таму влијанието е екстремно мало и изнесува само 0,19 проценти.

„Значи, делот од мрежарината што го плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи се намалува за седум проценти“, нагласи Бислимоски. Претходно мрежарината за домаќинствата изнесуваше 2,3 денари, а сега изнесува 2,14 денари. Процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.

Тој рече дека понатаму, по носењето на овие одлуки, во текот на следните денови ЕВН хоум како универзален снабдувач до РКЕ ќе ги достави на контрола цените за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Бислимоски објасни дека РКЕ успеала да ја намли мрежарината поради тоа што одредени компании имале повеќе остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа овозможи да се доведе во ваква поволна ситуација.

Одговарајќи на новинарски прашања, Бислимоски потврди дека сите компании не се согласиле со ваквите одлуки, односно дека забелешки имала Електродистрибуција поради тоа што кон неа има долг од 40 милиони евра.

„Информацијата е точна. Имавме забелешки доставени од Електродистрибуција. Тој долг почнавме да го враќаме, ова е трета година по ред, така да во наредните години тој долг преку цените за дистрибуција за електрична енергија се разбира дека ќе биде вратен на компанијата“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека за РКЕ е најбитно обезбедување ценовна стабилност пред се за домаќинствата, но како што посочи, исто така во наредниот период треба да се насочи кон стабилизација на ЕСМ и на секој можен начин да се помогне да дојде до финансиска стабилизација на ЕСМ. (М.Ј.)