Пропадна тендерот за „Чебрен“, банкарската гаранција не е активирана
Министерката Шукова претпоставува дека причината за откажувањето е поради променетите услови на пазарот за финансирање на проектот
Пропадна и најновиот, 14. по ред тендер за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, откако грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција која беше со важност до 31 декември 2023 година.
Државата не ја активирала гаранцијата, бидејќи тоа било можно само доколку компанијата предвреме се повлекла од процесот, што фактички не го сторила, информира денес на брифинг со новинарите министерката за животна средина Каја Шукова.
„За жал, мора да констатирам дека пропадна и 14. тендер за ‘Чебрен’“, изјави таа пред новинарите.
Таа додаде дека целата кореспонденција со грчката компанија се водела писмено, при што пред Нова година им било укажано дека за да продолжи процесот, неопходно е да се продолжи банкарската гаранција.
Шукова претпоставува дека причината за откажувањето е поради променетите услови на пазарот за финансирање на проектот, поради што побарале и одредени промени од технички аспект, но тоа не било прифатено од наша страна.
Според министерката, енергетичарите сега треба да седнат и да разговараат како да се продолжи понатаму за Чебрен, дали да се гради преку концесионерство или пак државата сама да го финансира.
Шукова смета дека државата изгуби со пропаѓањето на тендерот, бидејќи ќе овозможело пристап до европската мрежа, а ќе се обезбедеше и наводнување на плодните површини.
Од аспект на заштита на животната средина, на новинарско прашање, Шукова рече дека нема никаков проблем.
Инаку тендерот за „Чебрен“ беше објавен во 2020 година, а целата инвестиција требаше да изнесува една милијарда евра.
„Заклучно со 31 декември 2023 не пристигна продолжување на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач, а со самото тоа не е активна ни понудата на понудувачот“, рече Шукова на брифингот со новинарите.
Таа додаде дека биле разгледани сите документи согласно тендерското досие и постојните закони во државата, како и дека Министерството како надлежно за овој процес ќе подготви информација и ќе ја информира Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката.
„Согласно тендерската документација, додека е активна банкарската гаранција понудувачот требаше да пристапи прво кон потпишување договор за заедничко вложување со ЕСМ, но тоа не го направи. Ние околу 15 декември упативме допис до компанијата да ја потсетиме дека банкарската гаранција е активна до 31 декември и дека треба да ја продолжи доколку сакаат да продолжи процесот, како и да пристапи кон потпишување на договорот за заедничко вложување. Но, бидејќи не добивме никакви дополнителни информации од компанијата банкарската гаранција веќе не е активна и понудата веќе не важи“, појасни Шукова.
Во врска со жалбата од компанијата Шукова рече дека приговорите се однесувале на определени технички услови кои што не овозможуваат „банкабилити“, односно не овозможува да обезбеди средства од банките под одредени услови за да го реализира проектот.
„Дополнителните барања не беа дел од тендерската документација и како такви Владата не можеше да ги прифати бидејќи ќе беше нерамноправно во однос на другите кои што подигнаа тендерска документација и се јавија на тендерот. Заради тоа одлучивме дека ќе нема промена на одлуката, односно условите остануваат како што се во тендерската документација“, рече министерката, додавајќи дека очигледно компанијата со овие услови не можела да обезбеди заеми од банките бидејќи станува збор за голема финансиска конструкција од околу една милијарда евра.
Шукова вели дека грчката компанија ги знаела условите, не навлегувајќи како размислува компанијата и зошто се повлекла од постапката.
Таа посочи и дека банкарската гаранција нема да се активира.
„Ги проверивме сите услови во тендерското досие и сето она што е регулирано во нашиот закон. Имаше многу дилеми зошто се пролонгираше рокот. Законот за јавни набавки се вели дека поднесената жалба го продолжува рокот на договорот за јавна набавка и заради тоа додека траеше жалбената постапка која била еден месец рокот се продолжи до 15 јануари 2024 година“, посочи Шукова.
Во Министерството очекувале дека ако ја продолжат банкарската гаранција, тогаш до 15 јануари би можеле да пристапат кон склучување договор за заедничко вложување, меѓутоа тоа не се случило.
Во однос на тоа зошто не ја активираме банкарската гаранција, таа рече дека гаранција за учество во постапката се наплатува во корист на владата само во случај ако избраниот понудувач ја одбие поканата да склучи договор за концесија и не го потпише договорот и доколку ја повлече понудата пред истекот на периодот.
„Но, понудата не ја повлекоа, туку истече банкарската гаранција и со тоа понудата престанува да важи, што значи државата нема услов да ја активира банкарската гаранција“, рече Шукова.
На прашањето дали Македонија може сама да ја изгради хидроцентралата, Шукова рече дека повеќе од 20 години се спроведува овој процес за кој имаше вкупно 14 тендери и дека треба оние кои што се занимаваат со енергетика да седнат и да размислат како треба да се одвива овој процес понатаму, дали треба повторно да одиме со тендерска постапка за концесионер или пак да го гради државата.
Таа додаде дека се вршени испитувања, особено во делот на биодиверзитетот, и тие не покажале значителни влијание врз животната средина што беше основа кога се распишуваше тендерот.
Таа не сакаше да навлезе кои биле причините зошто грчката компанија се откажала.
„Не сакам да шпекулирам. Но можеби и она што се случуваше во јавноста ја обесхрабри компанијата да продолжи со процесот. Сите сме сведоци дека дел од експертската јавност сметаше дека не треба да одиме со концесионер, туку треба да го градиме сами“, рече таа.