Пронајдена облека на 150 метри од коските на малото момче (2) кое исчезна минатата година на француските Алпи
Причината за смртта на двегодишното момче кое исчезна на француските Алпи во јули минатата година, останува необјаснета и покрај тоа што му беа откриени коските и облеката. Минатата недела форензичките тестови покажаа дека черепот пронајден од шетач во близина на Ле Верне му припаѓа на момче познато како Емил.
Дел од неговата облека, вклучително и маица, чевли и шорцеви, сега се пронајдени на околу 150 метри од местото каде што се откриени коските. Обвинителот Жан-Лук Бланшон предупреди дека досега пронајдените докази „не ја покажуваат причината за смртта на Емил“.
„Помеѓу падот, убиството од небрежност и убиството, ниту една хипотеза нема поголема предност пред другата за да ја објасни смртта“, рече тој. Тој потврди дека на черепот биле пронајдени траги кои можеле да ги предизвикаат животни по смртта на момчето.
Масовната потрага беше неуспешна
Облеката на Емил допрва треба да се прегледа. Детето последен пат го виделе двајца сведоци кога се движел по улица во близина на куќата на неговите баба и дедо на 8 јули минатата година. Таму пристигна само еден ден порано за да го помине летниот распуст.
Бабата и дедото сфатиле дека Емил го нема кога тргнале да го бараат за да го стават во автомобилот, изјави тогаш локалниот градоначалник Франсоа Балик. Кога последен пат бил виден, Емил бил висок помалку од 90 сантиметри и носел жолта маица и бели шорцеви.
Масивната потрага во која беа вклучени десетици полицајци и војници – потпомогнати од кучиња трагачи, хеликоптер и беспилотни летала – не даде резултати. Обвинителот по неколку дена заклучил дека е малку веројатно момчето да е живо.
Случајот кој започна како истрага за исчезнато лице набрзо стана кривична истрага за можно киднапирање, иако полицијата не ја исклучи можноста за убиство, несреќа или пад.