Промовирана новата туристичка понуда „Патеката на Дионис“ – се одбележа Светскиот ден на туризмот во Галичник
По повод Светскиот ден на туризмот, денеска во Галичник се одржа работилница за одржлив туризам и влијанието врз локалниот економски развој. Со претставници од општини, единици за локален економски развој, даватели на туристички услуги, локални тур-оператори и бизниси се разговараше за партнерство помеѓу клучните чинители за развој на одржлива туристичка понуда и потребата од соработка со локалната самоуправа во градење капацитети за креирање зелени дестинации.
Васко Величковски, сопственик на Sherpa Horse Riding, ја промовираше новата туристичка понуда ,,Патеката на Дионис”, која опфаќа јавање коњи во рамки на пет општини од Тиквешкиот регион – Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци и Демир Капија.
„Следејќи ги глобалните туристички трендови, успеавме да создадеме конкурентен и атрактивен производ кој е препознаен од страна на специализирани туристички оператори во активниот туризам. Новиот производ обединува повеќе мали сместувачки капацитети, производители на традиционална храна, пчеларска фарма и неколку семејни винарии со што се креираат нови економски можности во локалните заедници, особено за младите”, рече Величковски.
Иницијативата е развиена со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната
вработливост – ИМЕ. На настанот се обрати и Горан Дамовски, тим лидер на програмата, истакнувајќи дека „Партнерствата се клучни за создавање на сеопфатно туристичко искуство, збогатувајќи ја локалната култура и економија. Одржливиот туризам е заедничка одговорност која бара колективна акција од сите засегнати страни истовремено водејќи грижа за зачувување на животната средина и совесно користење на природните ресурси.
Јадранка Клариќ-Кимовска – сопственик на ,,Wine Berry” и соработник на Sherpa Horse Riding во
креирањето на новата туристичка понуда истакна дека станува збор за ново и уникатно искуство кое ги спојува јавањето коњи со дегустација на храна и вина и ја доближува македонската винска приказна до туристите преку создавање нови форми на вински туризам.
Светскиот ден на туризмот се одбележува секоја година на 27-ми септември, со цел да се подигне свеста за важноста на туризмот во поттикнувањето на социјалната, културната, политичката и економската хармонија.
Годинешната тема е „Туризмот и мирот“, со акцент на способноста на туризмот да ги премости поделбите и да поттикне меѓусебно почитување.