Промовиран романот на Анде Јанков „Memento Mori“


Писателот  Анде Јанков на малата сцена во Велешкиот театар го промовира своето најново дело „Memento Mori “, петто од неговиот серијал со полицискиот инспектор  Виктор Николов. Книгата  ја промовира Софија Стојков, а извадоци читаше професорката и писателка Соња Карбева. 

Како што појасни промоторката Стојков, петтиот дел на серијалот за полицискиот инспектор Виктор Николов е своевиден трактат за филозофијата на стоицизмот.

-И тоа не само заради насловот кој ја содржи универзалната порака „Memento mori“, туку и поради извонредното портретирање на настаните низ романескна призма и исклучителните раскажувачки техники на трилерската жанровска класификација која ја поседува Анде, потенцира Стојков.

Додаде дека ако го погледнеме наназад целиот серијал ќе воочиме одредена градација од сам против злото, преку сам против сите, до сам против руинираниот општествен систем, за во петтиот дел да кулминира и Виктор да влезе во најтешката борба – сам против себе.

Авторот Јанков појасни дека ова негово најново дело од серијалот е своевиден театар на стоицизмот и дека латинската изрека „Сети се дека си смртен“ е таа која секој треба да ја практикува, за да живееме доблесен живот. Воедно е своевидно продолжение на „Кобајаши мару“ како интересна изрека која е непозната кај нас.

-Оваа е петто продолжение за инспекторот Виктор Николов што е средина од мојот серијал. Има уште четири романи од планираните девет за да ја докомплетирам оваа приказна, најави Јанков.

Toј следното шестто продолжение од серијалот планира да го издаде во следната 2027 година.

Анде Јанков  е автор на романите: „Едно лето на Крит“ (2016), „Виенски гамбит“ (2020), „Сигурен ризик“ (2021), „Само Бог простува“ (2022), „Кобајаши Мару“ (2024) и последниот „Memento Mori“ во издание на Издавачка куќа „Антолог“.

Веродостојноста е најважна во трилерите: Интервју со писателот Анде Јанков