Промоција на Водич за активна транспарентност на политичките партии во Северна Македонија


Фото: Б. Грданоски

По повод 28 Септември — Меѓународниот ден за слободен пристап до информации, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во соработка со Меѓународен републикански институт (ИРИ), денеска ќе го промовира новиот Водич за активна транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија.

Целта на Водичот за активна транспарентност е да им помогне на политичките партии како иматели на информации да ја унапредат нивната транспарентност и да ги поттикне да објавуваат што повеќе информации од интерес за граѓаните, а кои даваат целосна слика за нивното делување и цели.

Публикацијата опфаќа и компаративна анализа на позитивните пракси и начинот на којшто политичките партии во Германија и Естонија објавуваат информации за своето работење и финансии.

Воведни обраќања на промоцијата ќе имаат директорка на АСПИ, Пламенка Бојчева и регионалната советничка за Европа, Меѓународен републикански институт (ИРИ), Илина Мангова.

Водичот за активна транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија, како и компаративни примери на активна транспарентност од европски земји ќе го презентира Константин Битраков, асистент на Катедра по административно право и јавна администрација при Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.