Промоција на стихозбирката „Второ детство“ од Емануела Ковачевска Китановска во Струга


 Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска ќе биде промовирана стихозбирката „Второ детство“ од Емануела Ковачевска Китановска.

Авторката е поетеса и студентка на Факултетот за психологија при МИТ Универзитет во Скопје. Ковачевска Китановска е авторка на стихозбирките „Кожена душа“, за која ја освои наградата „Антев часовник“ во 2019 година на манифестацијата „Антево перо“ и „Второ детство“, со која влезе во најтесен избор за истата награда за 2023 година. Добитничка е и на наградата „Најмлада поетска искра“ на Меѓународниот фестивал „Литературни Искри“ во 2019 година во Гостивар.

Нејзините песни се застапени во неколку антологии. Учествувала на бројни работилници, поетски читања и фестивали, меѓу кои: „Астални Проекции“, Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, „Коронијалс“, МТФ „Војдан Чернодрински“…

Пишува и проза, а дел од расказите ѝ се застапени во збирката „Мали приказни за Скопје“. Се занимава со театар и со драматургија, има напишано и изведено две монодрами „Драг Вардар“ во МКЦ и „Sвездан“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.