Промоција на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски во „Дајмонд мол“


Второто издание на „Видик“ ќе биде затворено вечерва, (16 април, среда) во 20 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски, во издание на „Арс Ламина“. Книгата ќе ја претстават Оливера Ќорвезироска и Анастасија Ѓурчинова. На настанот ќе има поетско читање со Биљана Стојановска и Мартиновски, како и изложба на негови слики кои се дел од оваа книга.
Во продолжение ќе се одржи музичкиот настан „Џез, буки, веди“ на „Јани Костурски квартет“. Во составот настапуваат Јани Костурски, Филип Димишковски, Зоран Павловски и Павел Ренџов, а специјален гостин ќе биде Трајче Велков.

„Часови без часовник“ не е обична книга, тоа е изблик од бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е пронижан со интензивно обоени дигитални графики, станува повод за уникатно читателско уживање, со сите сетила. Во книжевна смисла тоа е поетско дело, составено од четиринаесет сонети од по четиринаесет стиха, вплетени во сонетен венец, стокмени според познатиот прешерновско-петраркистички модел. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.