Промоција на руската објава на роман од Томислав Османли


Дистопискиот роман „Бродот. Конзархија” објавен во едицијата „100 словенски романи” беше претставен во Центарот на словенските култури со таков интерес што беше договорено на есен да се одржи посебна книжевна средба посветена на овој македонски роман.

 

Во очи на Денот на словенските просветители, синоќа во Москва беше промовирана новата, руска објава на романот на македонскиот писател Томислав Османли, дел од меѓународната едиција „100 словенски романи”. Романот во превод на истакнатата преведувачка Олга Панкина, го објави издавачката куќа Центар за книга “Рудомино” од Москва. Покрај присутните во салата, книжевниот настан во следеше и бројна публика со посредство на директната онлајн линија.

Преку видеоснимката, со кусо три и пол минутен поздрав, на присутните им се обрати и авторот Томислав Османли кој меѓу другото, рече:

– Станува збор за книга, којашто ми донесе голема сатисфакција со оглед на тоа, дека се изразив себеси – сметам на еден начин којшто, еве, барем мене како автор ме задоволува: не се базира само на изразувањето на сопственото авторско его, на интимата и така натаму, тука се обидува да ја опфати и да ја согледа и судбината на современиот свет, за прво на човекот во современото загрижувачки отуѓено општество.

Проектот “100 словенски романи” со посебен акцент на најновиот роман на Томислав Османли пред публиката го претстави Jулија Созина, соработник во Библиотеката за странска литература, координатор на овој меѓународен проект од руската страна. Присутните ги поздрави Евгениј Резниченко, директорот на Издавачката куќа Центар за книга “Рудомино” кој истовремено е и директор на Институтот за превод во Москва. Резниченко го оцени романот “Бродот. Конзархија” како значајно дело кое покренува низа проблеми многу важни за цивилизацијата. Тој го спомна и романот на Томислав Османли „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)” 2015-та публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век”, кој со успех учествуваше на повеќе саемски и друг вид книжевни претставувања во Русија. Тој подвлече што благодарејќи им на усилбите и напорите на Олга Панкина, на нејзиниот исклучителен талент како преведувач и организатор, Центарот за книга “Рудомино” објави толку книги од македонските автори колку што нема објавено од никој друг словенски јазик.

Во продолжение литературната вечер ја водеше Панкина. Таа го претстави романот подетално, зборувајќи за неговите особините, за жанрот, естетиката и поетиката, за јазикот и литературните квалитети. Претставувањето на книгата предизвика толку голем интерес кај публиката што беше договорено на есен да се одржи уште една литературна средба посветена на овој роман.

 

Присутните во салата, како и тие кои настанот го следеа онлајн, имаа можност да слушнат извадоци од романот во изведба на артистите на театарот “Город”.

Инаку „Бродот. Конзархија” е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи”, сите во превод на Олга Панкина. Оваа креативна преведувачка е активен афирматор на македонската литература и култура во Русија. Таа веќе 15 години ја води невладината организација Македонски културен центар во Москва.