Промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе


Во кафе-книжарница Буква вечер во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе.

Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите, барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират.

Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, ( Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018, 2023).

На книжевно промотивната вечер со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков, а настанот ќе го води Ненад Стевовиќ.

Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или со поддршка на Министерството за култура.