Промоција на романот „Последното име на иднината“ од Живко Грозданоски во Софија
Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, денеска, ќе се одржи промоција на романот „Последното име на иднината“ од македонскиот писател Живко Грозданоски во превод на бугарски јазик од Маријан Петров, а во издание на Books4All.
За книгата, која ја трасира животната линија на тунелскиот инженер Јоха од Јена, Германија, ќе разговараат преведувачот Маријан Петров и авторот, кој ќе биде присутен на промоцијата.
Во врска со објавата на книгата исто така ќе се обрати и книжевниот критичар и издавач на делото Пламен Тотев (Books4All).
Романот „Последното име на иднината“ на Грозданоски е објавен 2018 година од издавачката куќа Антолог.
По „Куфер за тројца“ (Или-или, 2014), кој беше преведен од Тања Попова и објавен во Бугарија во 2017 година, „Последното име на иднината“ е втор роман на Грозданоски преведен на бугарски јазик.
Романот го следи животниот пат на Јоха, градежен инженер на тунели од Јена, Источна Германија, кој цел живот носи чувство на празнина во себе, која што постојано се обидува да ја пополни. За Ирис празнината е света, мора да и се даде доволно простор. Јоха се вљубува во Ирис и покрај нивната спротивна природа, а празнината веќе не изгледа толку страшно.
Животот на инженерот радикално се менува кога ќе биде испратен да работи на изградба на нов тунел во напуштено место на југот на Босна и Херцеговина. Оставен сам и далеку од својата сакана, Јоха мора да се справи со нетипичниот босански начин на работа, дрскиот главен надзорник, убавата млада девојка, која го заговорува, и чудниот старец кој упорно сака да го учи српско-хрватски.
Приказна за телата, осаменоста, патувањата и животите кои ги живееме и замислуваме, постигнуваме и сакаме да ги паметиме. Приказна за најголемата темнина, но и за светлината на крајот од тунелот и за сите нешта кои чудесно и навреме доаѓаат на свое место.
Живко Грозданоски е македонски писател. Роден е во Кичево во 1986 година. Основно образование завршил во Бигор Доленци и Кичево, а средно во Нова американската гимназија во Скопје. Дипломирал на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедрата за романски јазици и книжевности, на Катедрата за италијански јазик и книжевност.
Учествувал на повеќе меѓународни резиденции и студиски престои во САД, Италија итн.
Автор е на романи, раскази, поезија и книги за деца. Номиниран е за најголемите награди во Република Северна Македонија („Рациново признание“, „Роман на годината“).
Во јуни 2024 година Грозданоски е избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија.