Промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески на 7 април во Салон 19,19
Културно информативниот центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на романот „Немам страв “ од Трајче Стамески, во издание на издавачката куќа „ПАНИЛИ“, на 7. април 2026 год. во 19:19 часот во Салон 19:19.
Промотори и разговор со авторот: Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска
Извадоци од романот ќе читаат :студенти од Филолошки факултет„Блаже Конески“ – Скопје
Модератор: Ана Љубиќ
Специјален гостин Ема Стамеска
„Што станува кога една отмена госпоѓа, вдовица, чиј маж поради деликатни брачни односи и поради нарушено здравје починува во старечки дом, дознава дека тој зад себе оставил ракопис, нешто налик на автобиографски роман? И уште: што станува кога во ракописот таа ќе го пронајде името на сосема друга љубена жена, која нејзе не ѝ е воопшто позната, а за која е убедена, познавајќи го кроткиот карактер на нејзиниот маж – дека не постоела, туку е измислена? И што станува, дури и да е измислена – ако е претставена толку веродостојно што личи како вистинита?
Тоа е „нишалката“ на колебањето кај читателот, еден вид мајсторски изведен енигматски код на романот, кој не ве остава да го оставите ракописот до послената страница. Трајче Стамески (универзитетски професор по книжевност), го поставува тој енигматски код како стапица на вешт прозен мајстор пред читателите. Поради така поставената „драмска ситуација“, која се темели на изненадување од самиот почеток (сопругата не очекува дека ликот пишувал, а најмалку очекува друга жена во неговиот „ракопис“), романот има елементи и на трилер. Но тој е психолошки силно обоен, така што (доколку такво нешто постои), тоа би бил психолошки трилер. Тоа значи дека Трајче Стамески, со овој свој РОМАН, покажува својства на висока прозна функционална вредност, доведена на места до мајсторство: да се спои анегдотската нарација (трилер) со психолоши прозен модел, а тоа значи да се направи прозен експеримент во кој се спојува неспојливото. Тоа е задача достојна само за писатели длабоко упатени во тајните на прозното мајсторство.
Да, шокира овој роман на Стамески. Освен исклучително калоричната содржина на психолошка интрига, и на формален план тој роман е полигон на кој можете да ги набљудувате сите прозни техники на современиот експериментален роман, од добата на Кундера наваму. Тоа се техники на дијалошкиот, полифоничен роман, во кој не е важно само што се раскажува туку и како се раскажува. Така, кај Стамески пленува замената на наративните гласови (имперсонација – еден лик користи наративен глас или фокализација на друг), играта со фокализации и наративни гласови (не е иисто кој „гледа“ и кој говори), и посебно една рафинирана стилизација на „супстанцијата на содржината“ на романот: тоа е еден свет на софистицирана и естетизирана стварност, свет на уметнички слики, на уметнички галерии, на стари архитектонски раскошни зданија кои потсетуваат на замоци, а кои се користат за речиси фантастични „пропаѓања“ на ликовите во времето и просторот, за речиси „парапсихолошки“ искуства… со еден збор, за радикално очудување.
Убеден сум дека овој прекрасен роман на Стамески ќе има многубројни читатели, зашто е нов, свеж глас во нашата проза и покажува автор со големи потенцијали, со вештини кои пленуваат, и пред сè со специфичен личен прозен свет и индивидуален стилско-авторски жиг“, вели за романот, Венко Андоновски.
Трајче Стамески е роден во 1975 година, во Скопје. Дипломирал и магистрирал во областа на македонската книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2024 година е избран во звањето редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамките на својата научна и наставна дејност, Трајче Стамески предава предмети од областите македонска книжевност и српска книжевност на прв, втор и трет циклус студии, а моментално е раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура. Редовно одржува интерактивни предавања на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и учествува на Меѓународната научна конференција на истиот семинар во Охрид.
На полето на научноистражувачката дејност е учесник во повеќе национални и меѓународни научни проекти, меѓу кои: билатералниот македонско-српски проект на МАНУ и САНУ „Меѓусебни македонско-српски книжевни врски од 19. и 20. век“ и проектот на Меѓународниот славистички комитет „Современа јужнословенска метастилистика и метапоетика“. Автор е на бројни научни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија и зборници, најголемиот дел од нив со меѓународна редакција и индексирани во бази како Scopus, CEEOL, EBSCO и Index Copernicus. Одржал предавање по покана на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.
Автор е на следните монографски публикации: Уснокнижевни транспозиции во македонската книжевност (Скопје: Македоника Литера, 2024 – прво издание), Од мит до модерен текст (Скопје: Мар-Саж, 2025 – второ издание), Наратолошки аспекти на волшебните приказни на Марко Цепенков (Скопје: Вермилион, 2011) и Преглед на српската книжевност (Романтизам и реализам) (Скопје: Македоника Литера, 2024) – позитивно рецензиран универзитетски учебник. Автор е на поговор во монографијата Анимистичките концепти во сказните (Розе Нешковска-Славковска, Македоника Литера, 2024) и коавтор на одредница во монографијата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ по повод 75 години од неговото основање – Значењето на Катедрата за македонската култура.