Промоција на романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска во Кавадарци
Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, вечер во 20 часот ќе биде промовиран романот на годината за 2023 година, „Единствен матичен број“ од книжевницата Лидија Димковска.
Романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева, а ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“, како организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза кај нас, наградата Роман на годината.
-Критиката веќе се огласи за многузначноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме третото издание на романот, нецела година од неговото прво објавување, посочуваат од Издавачката куќа.
Наградата беше соопштена на 15 март годинава, а во мај ѝ беше свечено врачена на авторката Димковска, на пригоден настан во Драмскиот театар во Скопје.
-Ако нашето постоење во светот сè повеќе зависи од нашиот единствен матичен број, во нашиот свет на квалитетна книжевност, постоиш ако читаш, велат од ТРИ во поканата за овој настан.