Промоција на ново винил издание на ПМГ Џез „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“


Оваа сабота, 20-ти јануари, во едукативниот културен центар
„Лабораториум“ во 21 часот ќе се реализира промотивен музички
настан на кој ќе се претстави новата винил компилација на македонска
музика „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“ издадена за ПМГ Џез.

Уште еден музички запис на винил кој ќе остане како историски документ
на современата македонска авторска џез, етно и современа музика.
Компилацијата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“ е прва винил плоча
со македонска музика снимена во живо, по легендарниот концертен албум
„Акустична Траума“ на Леб и Сол од 1982 година. Плочата е снимена во
најдобриот скопски интимен концертен простор Аудиокултура, а стана
реалност со софистицирана асистенција на господата од Божиновски
(часовници и накит).

Крај Вардарот Сесии носи седум современи, автентични и различни
уметнички пристапи, кои ги обединува висок квалитет и модерен македонски
призвук, кој несомнено го конзервира современиот македонски музички и
културен идентитет. Плочата е компилација на селектирани композиции од
концертите во живо на Алембик, Марија Каева Трио, Мирко Попов Квартет,
Глигор Кондовски, Дамир Имери Трио, Филип Букршлиев Трио и Сетстат.

Оваа музичка вечер ќе биде квалитетно надополнета со концертот во живо
на нашиот извонреден џез бенд „Светлост“, вистинска перјаница на
дискографската куќа ПМГ Џез. Светлост ќе се претстават со нов материјал,
а ќе настапат во нивниот базичен трио формат.