Промоција на „Небесна пантомима“ од Зоран Анчевски во превод на бугарски јазик во македонскиот КИЦ во Софија


Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија вечер од 18.30 часот ќе биде промовирана книгата „Небесна пантомима“ од поетот, есеист и професор Зоран Анчевски, преведена на бугарски јазик од Роман Кисјов. Со оваа книга Анчевски првпат се претставува пред бугарските читатели.

-Книгата „Небесна пантомима“, во превод на Роман Кисјов, е првата книга на македонскиот поет Зоран Анчевски во Бугарија, којшто досега е непознат за бугарските читатели. Неговата поезија се покажа како „бела дамка“ во познавањето на современата македонска литература (во случајот – поезија), бидејќи Анчевски е извонреден поет, тој е авторитетно име во својата татковина, но и на меѓународен план. Книгата го претставува најдоброто од неговата поезија. Композициски таа е разделена на седум поетско-тематски циклуси и содржи вкупно 80 песни од различни години, периоди и етапи на неговиот поетски опус, избрани од три негови книги, издадени во РС Македонија (едната е со избрани песни, а другите две – од последните години). Изданието е потпомогнато од меѓународната книжевна мрежа ТРАДУКИ, соопшти македонскиот КИЦ во Софија.

Во присуство на авторот Анчевски, книгата ќе ја промовираат директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, македонските поети Санде Стојчевски и Весна Ацевска, приредувачот и преведувач на книгата Роман Кисјов и Мартин Христов – управител на бугарската издавачка куќа „Ерго“.

Зоран Анчевски (1954, Скопје) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Досега ги има објавено стихозбирките „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000) „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008, на македонски и на англиски јазик), „Историја на ветрот“ (2009), „Небесна пантомима“ (2018) како и обемната студија „За традицијата“ (2007). Автор е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. Резултат на неговата преведувачка активност се и трите антологии објавени на англиски јазик: две на современа македонска поезија и една на куса современа македонска проза.

Добитник е на наградите „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1985), „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018) и престижното меѓународно признание за поезија „Ѓакомо Леопарди“ (Реканати, Италија, 2004). За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ (2001). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов претседател. Од 2003-2007 година Анчевски беше претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.