Промоција на македонскиот превод на романот „Настанот“ од нобеловката Ани Ерно


Македонскиот превод на романот „Настанот“ од француската писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература за 2022 година, Ани Ерно, ќе биде промовиран вечер од 19 часот во Францускиот институт во Скопје. 

За романот, кој го објави издавачката куќа „Илика“, ќе говорат Катерина Шекутковска, уредничка во „Илика“, и Елисавета Поповска, преведувачка на делото и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Средбата ќе ја модерира Ведран Диздаревиќ, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет.

„Настанот“ е едно од позначајните дела на современата француска авторка, во кое Ерно преку лично сведоштво пишува за интимното искуство, телото, положбата на жената и сеќавањето, отворајќи прашања со пошироко општествено значење.

-Силата на романот е во поврзувањето на личното искуство со колективната историја и во книжевното отворање  теми за кои долго време се молчело. Преку прецизно и искрено раскажување, авторката му дава општествено и политичко значење на едно интимно искуство, соопштија организаторите на промоцијата. 

Покрај претставувањето на македонскиот превод, средбата ќе биде можност за разговор за творештвото на Ерно и за дискусија со публиката.