Промоција на книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“


По повод роденденот на првиот современ македонски граматичар Круме Кепески, денеска во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе биде промовирана книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, во издание на „Македоника литера“.

Како што е најавено, за книгата ќе зборува проф. д-р Симона Груевска Маџоска, претседател на Советот за македонски јазик, а за делото на Круме Кепески ќе зборува Слободан Беличански од името на Друштвото за наука и уметност во Прилеп.

Книгата содржи материјали од оставината на основоположникот на македонското граматичарство, авторот на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби.

-Во оваа книга се објавени текстови за развојот на македонскиот литературен јазик; обраќања при одбележувањата на годишнини од првата македонска граматика; текстови од методиката, историјата на македонскиот јазик, за изучувањето на македонскиот јазик на Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград) во 1947/48 година, за развојот на други литературни јазици, собрани материјали за населението и границите на Македонија, белешки за карактеристиките на македонскиот јазик, како и текстови за некои културни обележја и историски моменти на македонските градови и села, се вели во соопштението за книгата.

Оваа книга е втора со оставината на Круме Кепески, во издание на „Македоника литера“. Првата – „Статии и анализи за македонскиот јазик“, е објавена во 2014 година.