Промоција на книгата „Балкански вознеси“ од Васил Тоциновски


Во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ денеска ќе биде промовирана книгата „Балкански вознеси“ од Васил Тоциновски. Промотори ќе бидат проф. д-р Васил Дрвошанов и м-р Сашо Огненовски.

-К нигата „Балкански вознеси“, во издание на „Академска мисла“ Скопје, претставува своевидно освежување. Во ова заитано и превртено време на конфликти, недоразбирања, разградувања и непочитување ги проследува, толкува и вреднува заедничките нешта кои ги зближуваат и творечки ги обединуваат балканските литерaтури, соопштија од Дирекцијата за култура и уметност во Скопје.

Книгата содржи 20 текстови во кои низ архивски истражувања и нова документација се разгледуваат малку познати и се отвораат нови страници за одредени автори и дела, појави и пројави во македонската книжевност од еден подолг временски период, почнувајќи од втората половина на 19 век до денес.

Васил Тоциновски на триста страници во книгата „Балкански вознеси“ е во потрага на автори и дела, појави и пројави, процеси и состојби кои градат мостови на пријателство, почит, доверба и соработка меѓу народите и државите. Настрана од дипломатијата и историјата, авторот системно и аргументирано открива нови и непознати страници од животот и делото на Андреја Д. Петкович и Кочо Рацин, се наведува во поканата за промоцијата.