Промоција на информацискиот систем за инспекциски надзор Е-инспектор


 Инспекцискиот совет, Европската банка за обнова и развој и компанијата „Итгма“ денеска во Скопје ќе го промовираат информацискиот систем за инспекциски надзор Е-инспектор.

Со овој систем, инспекторите ќе можат лесно и брзо да ги добиваат потребните податоци неопходни за квалитетно и навремено спроведување и завршување на инспекциската постапка, со што ќе се намали притисокот кон стопанствениците во однос на обезбедувањето на потребните податоци.

– Развојот на информацискиот систем Е-Инспектор е дел од стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија за целосна дигитализација на јавниот сектор, како и приклучување кон платформата за интероперабилност на сите инспекциски служби, со што ќе се овозможи електронска размена на податоци и документи помеѓу институциите на стандардизиран, безбеден и унифициран начин, посочуваат организаторите.

Како пилот проект беше спроведен во три инспекторати – Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Државен управен инспекторат.

Информацискиот систем продолжува да се доразвива со поддршка на Европската банка за обнова и развој, во насока на развивање на 13 нови модули на инспекциски надзор за 13 инспекциски служби и тоа: Државен инспекторат за земјоделство, Државен просветен инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен комунален инспекторат, Инспекторат за употреба на јазиците, Државен инспекторат за локална самоуправа и Државен девизен инспекторат.

Проектот започна со своја реализација во февруари годинава, а се очекува да заврши февруари 2024 година со што Е-Инспектор би бил целосно оперативен.

Со дигитализацијата на инспекциската постапка се воведуваат новини особено во фазата на планирање на надзорите, односно каде и кога ќе се врши надзорот, но исто така се обезбедува и автоматско генерирање на записниците и решенијата кои произлегуваат од оваа постапка.