Промоција на две музички изданија на фестивалот „Крај Вардарот Џез“


Во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ вечер, во рамки на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, ќе бидат одржани две слушачки промоции – на винил изданието  „Крај Вардарот Џез 1“ и на компакт дискот „The Essential Sunday Gloom“.

„Крај Вардарот Џез 1“ е компилација од повеќе автори кои издаваат за дискографската куќа „ПМГ Џез“ и заедно со останатите изданија на ПМГ Џез, ќе биде во продажба по промотивни цени.

-Винилот e сериозен културолошки феномен што ги поставува чинителите на музичката сцена на своите вистински места. Плочата „Крај Вардарот Џез 1“ произлезе од работата на лејблот со артисти од овој нов џез бран. На неа се поместени 8 композиции од: „Светлост“, „Кантон6“, „Сетстат“, „Филип Букршлиев“, „Јордан Костов Квинтет“, „Кобалт Код Јунит“, СД4 и хитот „Бела“ од Сетстат и Мирко Попов. Плочата е залог за една едиција, која „ПМГ Џез“ би сакале да ја надополнуваат еднаш годишно, прославувајќи го постоењето на својот фестивал, се наведува во најавата.

Втората промоција, на албумот „The Essential Sunday Gloom“ на Taxi Consilium, е исто така издание на „ПМГ Џез“, а беше прогласено за албум на месецот мај 2021 во џез категоријата, според водечката светска платформа за продажба на музика „Бендкемп“.

-Тоа резултираше со извонредна продажба на албумот на светско ниво, што само го потврди неверојатниот развој на композиторската кариера на еден од нашите најдобри џез гитаристи, Филип Букршлиев. Опкружен со неверојатно квалитетна музичка екипа во бендот, тој успева да отслика една модерна, густа и содржајна атмосфера, небаре слушате некој од џез класиците. Компакт дискот ќе се продава по промотивна цена, стои во најавата.

Промоциите во „Буква“ ќе бидат надополнети со винилен диџеј сет на Игор Спироски, еден од најголемите џез ентузијасти во Скопје, кому ќе му се придружат со свои винил сетови и Дарко Јорданов и Мирко Попов.

На 6 октомври, во 20 часот, во кино Фросина, МКЦ ќе биде заокружено второто издание на фестивалот со концерт на квартетот „Такси Конзилиум“ и настап на Дино Имери, еден од најдобрите надоаѓачки композитори и пијанисти на современа класична музика кај нас, кој ќе настапи соло на пијано.

„Крај Вардарот Џез“ е годишен фестивал на дискографската куќа ПМГ Џез. Овој фестивал е последица на работата на оваа издавачка куќа, која успеа за само три години да издаде 30 висококвалитени изданија да внесе раздвиженост на џез сцената и да потикне нов бран артисти.

Минатата година беше реализирано првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“. И покрај специфичните пандемиски услови, фестивалот остави силен впечаток кај публиката и критиката, но и аманет за продолжување на добрата работа.

Настаните ќе се одржат според актуелните владини мерки во услови на пандемија.