Промената на името на култната „Домаќица“ предизвика лавина негативни реакции


Откако хрватската компанија „Краш“ го промени името на култните кекси „Домаќица“, луѓето реагираа со негативни коментари и тоа не стивнува.

„Краш“ во новата кампања за култните кекси покрај самиот назив „Домаќица“ одлучи да додаде занимања на жени за да ги едуцира младите генерации за важноста на праведната поделба на домашните обврски, пренесе Klix.ba.

Меѓутоа, кампањата не им се допадна на сите, а твитерџиите сметаат дека овој обид за политичка коректност, не помина добро.

Иако мотото на кампањата е „Биди дел од промената“, многумина сметаат дека новото име на кексите промовира назадни идеи и дека на жените јасно им се покажува каде им е местото односно дека може да бидат што сакаат се додека се домаќинки.

„Дали во „Краш“ полудеа“, прашува една твотерџика, „Краш нѝ изработи цела колекција за да сфатиме што можеме да бидеме покрај тоа што сме домаќинки“.

Додека едни наведуваат дека „Краш“ на жените им претстави што сѐ можат да бидат, други се прашуваат што фали ако се само домаќинки.

„Сакаа политички да го корегираат одамна дефинираното име на производот, па испаѓа дека се срамат“, „И што му фали на тоа да се биде само домаќинка?“, наведуваат.

Твитерџиите сметаат дека оваа кампања на „Краш“ е срамна и бесмислена и дека во секој случај е навредлива кон жените.

„Каква дебилана завладеа, не можам да си дојдам на себе? Поради политичка коректност? Да не се навредат домаќинките или оние кои не се домаќинки, не разбрав? Кого го плаќаат за оваа глупост“. се само дел од коментарите.

По низата негативни коментари на Твитер се огласија и од „Краш“.

„Гледаме дека предизвикавме реакција“, на што повторно добија куп негативни коментари.

„Да се биде домаќинка е супер работа. не гледам потреба од проширување на значењето. Секој бира во која мерка ќе се затрупа со работа или ќе побегне од работа. Срам да ви е! Предизвикавте реакции и со тоа сте среќни? Сакате да се занимавате со политика?„, реагираа луѓето.

На некои новата кампања им е толку навредлива што одлучија да ги бојкотираат производите на оваа компанија.

„Па почнете тогаш, има компании кои фино се лизнаа. Купувам производи кои не ми подметнуваат никаква политика! „Краш“ од сега го бојкотирам“, „Предизвикавте згрозување и изгубивте купувачи. Барем мене, иако искрено планирав да престанам да ги купувам вашите прескапи производи кои изгубија на квалитет“, стои во коментарите.

„Со нашата нова кампања целиме да ја подигнеме јавната свест за важноста и сложеноста на обврските во домаќинството кои жените најчесто ги преземаат и да ја подигнеме свеста дека грижата за домаќинството е заедничка работа на сите членови на домаќинството. Првиот чекор на кампањата е да ја ставиме ‘Домаќица’ на полиците во специјално издание“, соопшти „Краш“.