Промена во „Тиквеш“: Јаневска и Крстевски заминуваат од Управниот одбор


Љупчо Крстевски и Драгана Јаневска не се повеќе дел од составот на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“. Одлуката е донесена од страна на Надзорниот одбор.

За измените во овој орган на управување од компанијата информираат преку Македонска берза.

„По Одлука од седница на Надзорен одбор отповикани се двајца членови на Управниот одбор на Акционерско друштво за производство и промет на вино ВИНАРСКА ВИЗБА-ТИКВЕШ експорт –импорт АД-Кавадарци и тоа Љупчо Крстевски и Драгана Јаневска“, пишува во објавата.

Љупчо Крстевски, кој е дипломиран машински инженер, во органите на управување на „Тиквеш” е од 2003 година. Драгана Јаневска е ќерка на претседателот на УО, Светозар Јаневски, кој ја создаде оваа успешна компанија. За член во Управниот одбор беше именувана на почетокот од април. (Пари)