Промена во СДСМ мора да има, таа не може да се лажира: Интервју со Венко Филипче

На СДСМ му е потребна реформа на менталитетот. Нема скратен пат да се врати довербата кон партијата, вели Филипче во интервју за „Независен“


 

Доколку неврохирургот и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, биде избран за нов лидер на СДСМ тој нема да дозволи никогаш повеќе партијата да се доведува во потчинета позиција во некоја идна влада. „Во обидите да одржиме стабилна влада и да ги решиме стратешките проблеми, отстапивме премногу моќ на ДУИ“, вели Филипче во интервју за „Независен“. Во тек е кампањата за внатрепартиските избори. Тој е еден од четворицата кандидати за претседател на СДСМ. Филипче вели дека идеологијата не е главниот проблем на СДСМ, туку тоа што раководството и членството немаа разбирање или не комуницираа. На СДСМ му треба реформа на менталитетот, вели тој. Филипче не се согласува партиската анализа за поразот да се објавува и партијата да се изложи на јавен суд, туку таа треба да се искористи во партиските структури како основа за креирање на промените.

 

 

Предлагате креирање на неколку совети во партијата – на ветерани, стратешки совет, за врски со општинските организации, комисија за етика. Тоа е формална структура на партијата. Идеолошките постулати малку ги споменувате. Дали борејќи се за партијата ќе страда идеологијата?

Апсолутно не, напротив. Јас сум еден од оние кои не мисли дека СДСМ застрани од идеологијата. Проблемите и причините за резултатот според мене пред се треба да се бараат на друго место. Ако го следите СДСМ во последните години јасно се препознаваат социјалдемократските политики, а буџетот и алокацијата на парите се пред сѐ во проекти кои се од чиста социјалдемократска идеологија. СДСМ вложи многу пари во зголемување на платите и намалување на социјалните разлики, во зголемување на приходите за маргинализираните групи, во проекти и поддршка за малцинските групи граѓани, без разлика дали е тоа во здравството, како пациенти со ретки болести па сѐ до оние со посебни потреби. СДСМ во време на криза вложи 1,3 милијарди евра во поддршка на граѓаните преку 6 пакети мерки примарно насочени кон ранливите. Сите овие се социјалдемократски политики. Понатаму, СДСМ ги негуваше и промовираше либерално демократските вредности, како слобода и демократија. Сите параметри и рангирање во однос на ова се подобрени.

Така што сметам дека идеологијата треба да се реафирмира и цврсто да се стои на овие постулати и да не се прават никакви „испади“ надвор од нашата јасно утврдена агенда. Само така граѓаните ќе препознаат доследност во политиките што е важно за секоја партија. СДСМ пред сѐ има проблем со односот кон членството и начинот на внатрешна комуниакција и организација. Секако дека тука има низа други причини за поразот, од мекоста кон Бугарија, до коалицијата со ДУИ, па сѐ до кадри кои потфрлија во работењето, но не мислам дека идеологијата е главен проблем.

 

Меѓу двата круга избори една од главните пораки на партијата беше дека ја разбрала пораката од граѓаните. Гласачите не обрнаа внимание на таа порака. И во наредната година може да зборувате дека сте ја разбрале пораката, а граѓаните тоа да не го забележат. Дали сте свесни за таа опасност?

Не треба да зборуваме, никој веќе нема да ни верува на зборовите, туку на делата. Дури и со дела ќе треба помине многу време да се врати довербата и да се препознае промената. Ова ќе биде ѓаволски тешко, но не и неизводливо. Ќе треба многу трпение, многу доследност, многу конректни и видливи чекори и промени кои се очекуваат, па дури потоа да се надеваме дека граѓаните тоа ќе го препознаат и испочитуваат. Нема скратен пат до враќање доверба, ниту тоа може да се направи со трикови и празни зборови. За ова сум многу свесен и она што ќе мора да го направиме е вистински да се промениме. На СДСМ му е потребна реформа на менталитетот, на начинот на кој пристапува во работењето, во односите со луѓето, во планирањето на стратегиите и политиките. И таа промена не може да се лажира, или ќе се случи или нема да се случи.

 

Членството ви се жали дека било игнорирано, неконсултирано, дека практично раководството било отуѓено од базата… Држи ли тоа и дали ќе се лоцира одговорноста?

Преку моите интензивни комуникации во кампањата за парламентарните избори и надвор од неа, токму ова го лоцирав како примарен проблем. Знаете, СДСМ спадна на 150.000 гласови. Овој резултат укажува дека за СДСМ не гласале и најлојалните приврзаници, а и членови, оние кои децении наназад гласаат за нас. Овие луѓе не се откажуваат лесно од партијата и кај нив примарниот гнев е од односот, не толку од политиките. И затоа јас во мојата програма толку многу се фокусирав на начинот на организација и комуникација, како и вклучување на членовите во креирањето на политики. Тоа е тоа што фалеше многу, особено во полседните две и пол години. Затоа, она што го ветувам јасно и гласно е дека СДСМ прво ќе воспостави јасен систем на вклучување и комуникација преку конкретни механизми. Но тоа нема да биде доволно ако не се постават луѓе кои во тој систем веруваат и на тој начин самите комуницираат. Тоа ќе биде втората задача, да формирам тим кој со својот однос, почит и грижа кон луѓето ќе ја донесе промената.

 

Дали ќе биде објавена анализата за изборниот пораз или таа е само за внатрешна употреба? 

Јас во мојата програма јасно ги лоцирав и елаборирав причините за поразот. Не сметам дека партиската анализа треба да се објавува и доколку бидам избран нема да ја објавиме, туку ќе ја користиме како основа за креирање на промените. Сметам дека не треба да ја изложуваме партијата на таков јавен суд, каде политичките опоненти ќе се ситат и ќе потпалуваат преку своите медиуми. СДСМ конечно треба да се грижи за себе, да биде дискретен во плановите и да делува ефикасно, обединето и мудро. Од истите причини и не сметам дека внатрепартиската кампања треба да ја претвориме во јавна кампања пред медиумите, туку во конструктивна дебата пред членовите. Од оваа кампања мора сите да излеземе помудри, да научиме еден од друг по нешто и кој и да биде следен претседател, да добие поддршка од другите. Тоа е прв чекор кон обединување.        

Во комуникациите со базата Филипче разбрал дека примарен проблем е што членството се чувствува напуштено, а раководството отуѓено од него

 

 Како опозициска партија каде ќе барате политички сојузници. Со сите партии на Албанците бевте заедно во власта. Сега во опозициските клупи останавте само со „Европскиот фронт“ на ДУИ. Ќе смените ли нешто во односот кон ДУИ откако однесувањето на одредени членови на интегративците го поткопаа владеењето на СДСМ?

СДСМ ќе смени многу нешта ако бидам избран, особено нема да дозволи да се доведува во потчинета позиција никогаш повеќе. Во обидите да одржиме стабилна влада и да ги решиме стратешките проблеми, отстапивме премногу моќ на ДУИ. Оваа нерамнотежа не само што го ослабна нашето влијание, туку и остави впечаток дека ДУИ е примарна сила што ги движи владините политики. Како резултат на тоа, многу гласачи го сфатија СДСМ како потчинет на ДУИ. СДСМ мора да ја научи оваа лекција добро. Ниедна цел не е поважна од задржувањето на интегритетот и достоинството на партијата. Дури и по цена да не се формира влада, СДСМ не смее да дозволи да биде во коалиција во која нема да има доминантна улога.

 

Ќе анализирате ли зошто ВМРО-ДПМНЕ како опозиција имаше повеќе пари и помоќна политичка кампања од вас и во кои сегменти погрешивте?

ВМРО-ДПМНЕ е партија која својата стратегија ја темели исклучиво на своите тесни политички интереси, без никаква задршка во однос на штетите и последиците од своето делување. Оттаму, тие и немаа многу тешка задача да ја погодат кампањата. Ние влеговме на „сѐ или ништо“ во однос на ЕУ интеграции и истрпевме многу удари од Бугарија во тој процес, во услови кога имавме слабо мнозинство во кое ДУИ се наметна, а СДСМ се перцепираше како слаб, во услови на три последователни кризи, во кои колку и да се трудевме да ги санираме последиците, граѓаните едноставно беа економски и психички исцрпени. Целиот политички контекст, но и трендовите во светот едноставно укажуваа на ваков резултат. Тука не велам дека СДСМ не е виновен, напротив. Но факт е дека имавме исклучително тешки седум години во кои од ден во ден се отвараа можности за напад врз владата кои ВМРО-ДПМНЕ успешно го користеше. Ако на ова се додаде медиумската слабост на СДСМ, за што мислам дека не смееше да се дозволи, тогаш исходот и не е за изненадување. СДСМ под мое водство ќе вложи многу време и енергија во креирање на политики, но и комуникациска и политичка стратегија. Овој сегмент, се чини, беше целосно запоставен и хаотичен во последните години од владеењето и резултираше со слаба кампања на крајот. Не треба да се заборави и моќта на дезинформациите кои ги пласираше опозицијата во сите седум години против кои не најдовме соодветен противотров. Така што имаме многу што да поправаме и унапредуваме, но важно е да извлечеме поуки и грешките да не ги повториме.

 

Успеавте да отуѓите значаен дел од оној граѓански, невладин и либерален дел од општеството. Недовербата кај него кон СДСМ сега е зголемена. Разбирате ли во партијата зошто се случи тоа и на кој начин можете да го вратите тој дел кон прогресивните политики за кои велите дека сте предводници?

Тоа е добра констатација и голем проблем. СДСМ беше секогаш предводник на либералното и прогресивното движење во општеството. За жал, партијата некако се затвори во последните години, се одалечи од секој критичар или добронамерник кој сакаше да ни укаже каде грешиме. Со одалечување од добронамерните совети и игнорирањето на алармирте кои доаѓаа од нив, СДСМ ја изгуби поддршката. Но, јас верувам дека ова не е трајно и дека имаме можност да ја вратиме таа поддршка. СДСМ воопшто не потфрли во однос на демократијата, слободата, па и транспарентноста. Ако некаде СДСМ имаше резултат тоа е во овој сегмент. Сметам дека СДСМ ќе остане единствена партија која ќе ги промовира и штити овие вредности, бидеќи во моментов имаме налет на национал-популистички партии и реторика.

Но за да ја вратиме довербата и соработката со овие групи, потребна е искрена промена во начинот на делување. Кога тие ќе забележат дека нема искреност, дека инклузивноста се намалува, се повлекуваат и тоа не смее да го повториме. Тие ќе бидат наши партнери и од нив ќе бараме сојузништво, но само ако прво успееме да го смениме односот и начинот на работа. Сметам дека кај оваа група потфрлањето во однос на владеењето на правото имаше најсилен негативен ефект. Тука СДСМ ќе мора да покаже коренита промена и јас верувам деак тоа ќе го постигнеме.

  

Национализмот очигледно стана преовладувачка сила и во двата етнички кампуси во Македонија. Може ли СДСМ да изгради план да парира со граѓански наратив на националистичкиот? Досегашниот не успеа. Или можеби размислувате дека некои сегменти од тој наратив би можеле да бидат дел од идната идеолошка и практична платформа.

Ова е клучното прашање и главниот предизвик, кој не е само локален туку би рекол во светски рамки. На ова ќе мора многу повеќе да се работи и анализира за да се дојде до конкретна стратегија и сега не би навлегувал во детали. Но она што е сигурно е дека СДСМ нема да се откаже од граѓанскиот концепт, од концептот на солидарноста, еднаквоста, слободата и демократијата. СДСМ не смее и нема да калкулира и кокетира со национализмот само затоа што електоратот врти натаму. Напротив, СДСМ мора да остане промотор на вредностите во кои верува и темелите на кои е изградена партијата.