Производите што ќе поевтинат ќе имаат ознака „Гарантирана цена“

Секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе види ознака „Гарантирана цена“ и дополнително ќе знае дека производите со оваа ознака нема да можат да поскапат до 30 ноември, вели министерот Бектеши


Фото: Б. Грданоски

Производите што ќе бифдат опфатени со владината одлука за намалување на цените ќе бидат посебно обележени со видлива ознака „Гарантирана цена“, која ќе биде и гаранција за потрошувачите дека тие нема да поскапат до 30 ноември. Утре се очекува на владина седница да биде усвоена листата производи за кои ќе важи правилото од минус 10 отсто на цените при што како основа ќе се земе состојбата на 1 август годинава.

Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска на прес конференција образложи дека идејата за означување на поевтинетите производи произлегла откако се направени сите анализи и дискусии со стопанските комори и сите чинители во делот на трговијата. Тој посочи дека Министерството за економија постапувајќи согласно Законот за трговија ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата со цел да се овозможи обележување на сите производи кои утре најверојатно на седница на Владата ќе бидат наведени. 

„Секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе види ознака ‘Гарантирана цена’ и дополнително ќе знае дека цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да можат да имаат зголемување до 30 ноември“, рече Бектеши.

Тој додаде дека ова ќе биде поттик до сите чинители во секторот трговија, но и до производителите на прехранбените производи кои нема да бидат опфатени во утрешната одлука да се приклучат кон акцијата за намалување на цените. Тие самите до среда ќе можат доброволно да се пријавуваат за да добијат ваква ознака и да ги намалат дополнително цените.

„Не само од прехранбената индустрија, туку и од други сектори, бидејќи има интерес и од други компании да бидат општествено одговорни и да излезат во пресрет на граѓаните и клиентите“, рече Бектеши.

Тој рече дека е завршена листата и ќе биде доставена на седница на Влада и притоа ќе има обврски и за производителите и за трговците на мало и на големо, а од среда ќе следуваат засилени контроли од пазарните инспектори каде што ќе бидат вклучени и претставници од Владата.

„Би сакал да ги повикам сите чинители во делот на трговијата како и производители кои не се вклучени на листата да се пријават во Министерството за економија и да ја користат ознаката ‘Гарантирана цена’“, рече Бектеши.

Тој најави дека текот на денешниот ден ќе има состанок со производителите и со дистрибутерите на пијалаци и очекува позитивен фидбек за наредната одлука со која освен хемиските производи, да бидат вклучени и пијалаците за намалување на цените до 30 ноември.

Одговарајќи на новинарски прашања, Бектеши рече дека помали цени ќе имаат многу повеќе од 50 производи, како и дека на листата се сите прехранбени прпозоводи од пекарската, од месната, млечната индустрија, вид на наполитанки…

„Генерално, листата е преземена од Заводот за статистика согласно нивната методологијата за утврдување на инфлацијата, односно производи кои најмногу се трошат во земјава“, рече Бектеши.

Тој исто така прецизираше дека намалувањето на цените не се однесува на конкретен производ од конкретен производител, туку „ако се намалуваат цените на шпагетите ќе поевтинат сите шпагети во државата, без оглед дали се домашни или увозни“.

„Има многу повеќе од 50 производи, станува збор за 25 категории на производи, за некои намалувањето е линеарно, а за други се однесува за одредени производи од различни производители“, појасни Бектеши.  (М.Ј.)