Програмата Кембриџ останува и наредната учебна година


Наставната програма Кембриџ по која учат основците нема да се укине, напротив, ќе продолжи да се применува и во следната учебна година, дознава „Независен весник“ од извори во Министерството за образование и наука. Оттаму објаснуваат дека за нешто да се отстрани, алудирајќи на наставната програма Кембриџ, треба да има цврсто аргументирана причина.

„Во моментов се водиме по информациите што ги обезбеди анализата на квалитетот на националниот образовен систем која ја изработија ОЕЦД и УНИЦЕФ со наша поддршка и вклученост на другите засегнати институции на системот. Според тие информации, постојните наставни програми се добри и нема потреба од нивна промена“, велат нашите извори од Министерството.

Неодамна, во објавениот извештај на Државниот просветен инспекторат за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година, како една од констатираните слабости беше наведено дека основните училишта недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на програмата Кембриџ, а наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми за кои, пак, родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата.

Токму проектот Кембриџ е едно од покрупните прашања што го измачуваат основното образование. Според наставниците, наставните планови и програми се преобемни за учениците и неусогласени со нивната возраст.

„Сè уште немаме официјален допис дали ќе биде тргната програмата Кембриџ, но општо е незадоволството од неа“, вели Елка Даскалова, директорка на ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје.

Просветните работници, исто така, бараат да се зголеми бројот на часови по предметот физичко образование, генерално да се намали бројот на часови во сите одделенија, а особено за четврто одделение, беше посочено и на трибината во организација на Сојузот на просветните работници.

Но во новиот предлог-закон за основно образование не е предвидено зголемување на бројот на часови по предметот физичко и новина е само тоа што во наставата од прво до петто одделение по предметот физичко и здравствено образование ќе се вклучи и наставник по физичко. Нема да има намалување на вкупниот број на часови бидејќи сегашната состојба, како што рече министерот за образование и наука Арбер Адеми, покажува дека учениците до 14 години имаат над 900 часа помалку од нивните врсници од земјите на ОЕЦД, поради што ќе им се даде можност да се вклучат во поголем број практични активности.

„Бројот на часовите за учениците требаше да се намали. Дури некои предмети треба да се тргнат, како што е етика. Потребно е да се зголеми бројот на часови по мајчин јазик бидејќи нашите деца се почесто завршуваат образование, а се неписмени. Во земјава има училишта во кои нема спортски сали, а од друга страна има наставници кои не стануваат од стол, а не, пак, на часот по физичко да им покажуваат вежби на учениците. Затоа децата ни се со искривени ‘рбети. Има примери кога во текот на цела учебна година одделенска наставничка само трипати ги однела учениците во спортската сала по предметот физичко и им ги фрлила топките. Загрижувачки е и тоа што во дел од училиштата фалат и реквизити“, посочи искусен наставник кој замоли за анонимност.

„Во прилог на учениците оди и тоа што отсега од прво до петто одделение часовите по физичко ќе ги одржува наставник по физичко образование. Ако се воведеа четири или пет часа неделно, ќе настанеше проблем бидејќи просторните услови не дозволуваат во една сала да функционираме со повеќе часови“, рече Даскалова.

Предлог-закон за основно образование е ставен на јавен увид и граѓаните ќе можат да достават свои забелешки и мислења во наредните 15 дена. Наставниците позитивно го оценуваат тоа што е предвидено намалување на бројот на ученици во паралелка од минимум 20 ученици до максимум 30. Ова не ја исклучува и можноста за нови вработувања.

„Пријатно сме изненадени од одлуката за помалиот број ученици во паралелка, но таа повлекува нови финансирања за одделенски наставници. Просторните услови ќе бидат задоволени, ќе се снаоѓаме со смени. Квалитет во наставата ќе биде поголем, затоа што наставниците ќе работат со помал број ученици“, додаде Даскалова.

„Намалувањето на учениците во паралелка каде што има услови е во ред ама каде што нема услови, не ќе може да се применат новините. Во помалите места има паралелки со по 15 ученици. Сега природно се намалува бројот на учениците особено во градовите во внатрешноста. Меѓутоа има паралелки со над 30 ученици, и ако нема услови да се поделат учениците заради просторот, тогаш треба да се стимулираат тие наставници, да имаат симболично повисока плата“, додава наставникот кој сакаше да остане анонимен.

Вероника Мароска-Леова