Проф. Улф Брунбауер за Бугарското радио: „Околу темата ‘Македонија’ Бугарите прават од мувата слон“


Бугарија се обидува да измисли спор. Во суштина, нема ништо што може да се дефинира како спорно меѓу двете страни, вели Улф Брунбауер за Бугарското национално радио

Според познатиот австриски историчар, кој ја проучува историјата на двете земји, бугарскиот меморандум испушта дух на комунистичката историографија од годините кога се сметаше дека државата, владата, може да каже како се пишува историјата

 

„Реакцијата е разбирлива, бидејќи во последните неколку години Република Северна Македонија мораше да направи многу болен компромис со своето име за да може Грција да го отклучи нејзиниот пат кон НАТО и Европската унија. И сега се појавуваат овие барања од Бугарија, кои се навистина многу чудни. Она што го сака бугарската влада е многу нејасно и чудно и всушност нема никаква врска со разговорите за пристапување во ЕУ. Ниту една точка во овој меморандум не е критериум за членство во ЕУ“. Ова за Бугарското национално радио (БНР) го изјави австрискиот професор Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург, еден од историчарите во Европа кој ја следи работата на билатералната историска комисија.

Брунбауер уште вели дека формирањето на историската комисија била „лоша идеја“. Според него, „навистина нема проблем кој треба да го реши оваа комисија. Имаше такви комисии на друго место кога требаше да се реши прашање од ранг на геноцид или етничко чистење. Во случајот на Бугарија и Република Северна Македонија, нема ништо такво. Оваа историска комисија ја политизираше историографијата“.

Еве го интервјуто на Улф Брунбауер за емисијата „Сабота 150“ на БНР.

 

Споменавте членство во ЕУ. Можеби треба да кажеме дека Брисел секогаш инсистираше на тоа билатералните спорови да не бидат внесени во Унијата. Не мислите ли дека Бугарија се обидува да ги реши споровите пред пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ?

Бугарија се обидува да измисли спор. Во суштина, нема ништо што може да се дефинира како спорно меѓу двете страни. Во овој случај станува збор за различни сфаќања и толкувања на историјата. Но, тоа и онака не е работа на владите, туку на историчарите. Бугарскиот меморандум испушта дух на комунистичката историографија од годините кога се сметаше дека државата, владата, може да каже како се пишува историјата. И во Бугарија и во Република Северна Македонија и на други места во светот, историчарите треба да бидат слободни да ја пишуваат историјата како што сметаат дека е правилно. Инаку, ЕУ навистина не сака да бидат внесени билатерални конфликти, особено поради лошото искуство. Дозволете ми да го споменам конфликтот меѓу Словенија и Хрватска околу морската граница. Или уште поголемиот и сè уште нерешен конфликт во поделениот Кипар.

 

Велите дека не се владите тие што одлучуваат како да се пишува историјата. Затоа беше формирана билатерална комисија на историчари, која се состанува за прв пат по речиси една година оваа недела. Дали беше добра идеја да се формира таква комисија, која е дел од Договорот за соседство?

Не, тоа беше лоша идеја. Затоа што навистина нема проблем кој треба да го реши оваа комисија. Имаше такви комисии на друго место кога требаше да се реши прашање од ранг на геноцид или етничко чистење. Во случајот на Бугарија и Република Северна Македонија, нема ништо такво. Овде навистина станува збор само за опсесијата на бугарските патриоти, кои тврдат дека Македонците се Бугари. Некој може да го тврди ова, но ова мислење не може да биде предмет на работа на комисија историчари.

Оваа историска комисија ја политизираше историографијата. Во меморандумот се вели дека историјата е заедничка. А тоа е во спротивност со современото научно разбирање на историјата. Наместо тоа, можеме да зборуваме за споделена историја. Но, дури и тоа не е толку важно. Кога ваквите референтни точки се формулирани во владин документ, тоа ја политизира комисијата. Членовите на комисијата – историчари, научници, не можат да се дистанцираат од таков текст. Тие се чувствуваат како претставници на одредена национална позиција. И ова не е предуслов за добра соработка за непостоечки проблем.

Брунбауер вели: „Овде навистина станува збор само за опсесијата на бугарските патриоти, кои тврдат дека Македонците се Бугари“: Бујар Османи и Екатерина Захариева за време на средбата во Софија (Фото: БГНЕС)

 

Непостоечки проблем, но и кај нас и во Република Северна Македонија не би се согласиле со вас. Па, зарем не е време да се разјаснат нејаснотиите и да се стави крај на овој спор?

Но, што е проблемот?! Во Бугарија има многу луѓе, вклучително и научници, кои сметаат дека православните луѓе кои живеат во денешна Република Северна Македонија, кои зборуваат на словенски јазик, се всушност Бугари. Од чисто научна гледна точка, можеме и да не се согласиме со оваа изјава. Република Северна Македонија исто така не се согласува. И нема ништо лошо во тоа. Има две мислења за ова прашање, можеби и двете мислења не се точни, можеби и двете се базираат на идеологија. Но, мислам дека нема потреба билатерална комисија да разговара за овие ставови. И, секако, ништо нема да дојде од оваа комисија, бидејќи политичарите се обидуваат да ја инструментализираат нејзината работа.

 

Вие сте историчар, ја проучувате историјата на Балканот а таа сè уште има силно влијание врз политиката, бидејќи веројатно не поминало доволно време од последните војни меѓу балканските соседи.

Ако се споредиме со другите делови на Европа, не би рекол – последната војна меѓу Германија и Франција исто така не е одамна. Покрај тоа, овој конфликт беше многу понасилен од кој било спор меѓу Бугарија и Македонија. Јас навистина мислам дека во овој случај се прави од мувата слон.

 

Како може да се реши овој спор?

Најдобро би било доколку Софија и Скопје ги остават добрите историчари, какви што има и во двете земји, да си ја завршат својата работа. Владите не треба да се занимаваат со историја. Не е работа на државата да каже како да се чита сопствената историја, а уште помалку да побара од странска земја да го стори тоа. И, ако политичарите ја вложат својата енергија во заеднички проекти, како што е изградба на железничка линија помеѓу Скопје и Софија, тие ќе бидат многу покорисни за луѓето отколку со овој апсурден историски спор.

Надворешната политика за Бугарија нема да биде многу разумна ако ја форсира оваа тема. И мислам дека бугарската влада сфаќа дека овој пат нема да ја однесе никаде. Репутацијата на Бугарија во ЕУ е доведена во прашање.