Проектот за бесплатно пливање за првачињата во Аеродром продолжува и од септември
Во време на забрзана дигитализација и живот со социјални мрежи, една од најважните работи е да не заборавиме на поддршката на детскиот раст и развој, преку промоција на спортот, активниот и здрав начин на живеење, потсетува првиот човек на општина Аеродром Тимчо Муцунски.
Тој вели дека нивните активности како локална самоуправа, во оваа насока, продолжуваат и втора година, а еден од најважните проекти е „Учиме да пливаме“ – бесплатни часови пливање наменети за дечињата од прво одделение и дечињата со попреченост од основните училишта во Аеродром.
– Важно е да споменам дека проектот продолжува и за сите дечиња кои ќе бидат прво одделение следната учебна година. Убеден сум дека преку спортот можеме за момент да ги оттргнеме младите од модерниот начин на живот и да ги вратиме на патот на правилниот развој, игра и спортување. Токму со овој проект Општина Аеродром покажува сериозна грижа за растот и развој на најмладите, но и поддршка за една убава спортска активност преку која тие го надградуваат не само физичкото здравје, но и својата самодоверба и се запознаваат со нови вештини поврзани со пливањето и спортот, порача Муцунски.
– Младите се наш важен приоритет, а нашите заложби за создавање здрава и активна младина продолжуваат понатаму со засилено темпо. Преку сериозни инвестиции, чекори и иницијативи за подобрување на образовниот процес, како и вложување во спортската инфраструктура, можеме да ја постигнеме таа цел, додава тој.