Проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“ покажа успешни резултати во пилот населбата Лисиче


Мерките преземени за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и замената на старите грејни тела и шпорети со нови во над 120 домаќинства во населбата Лисиче дадоа резултат и покажаа намалување на загадувањето на воздухот во домовите и во околината каде што беа направени интервенциите. Овие анализи беа презентирани денеска на завршниот настан на проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од Шведска, што го спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и со Град Скопје.

Во рамки на проектот, вреден над два милиони американски долари, финансиска помош добија 129 социо-економски ранливи домаќинства. Во 81 домаќинство се заменети старите врати и прозорци со нови, направени се 39 енергетски ефикасни фасади и реновирани се 33 покриви. Инсталирани се 428 инвертори и пет топлински пумпи, а 37 стари печки и шпорети се заменети со нови печки на пелети.

Податоците врз кои се направени анализите беа собирани од повеќе мобилни и статични мерни станици кои во минатите две години беа поставени на повеќе места низ населбата и вршеа мерења на загаденоста на воздухот, кои потоа беа анализирани со најсовремена опрема на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, набавена токму за оваа намена.

– Сега, повеќе од кога било, е важно загадувањето на воздухот да биде во фокус бидејќи здравјето на граѓаните треба секогаш да е јасен приоритет за оние што носат одлуки. Шведска ја знае опасноста од овој проблем и затоа воспостави соработка меѓу Шведската агенција за заштита на животната средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, донирајќи 22 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот поставени во осум станици за мониторирање. Ова ќе им даде подобра слика на институциите и на граѓаните каква е состојбата и како подобро да се справуваат со загадувањето на воздухот, изјави шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон-Џеин.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини нагласи дека задолжително се поставува прашањето што ни носи зимата со оглед дека се наоѓаме среде глобална енергетска криза.

– Затоа ја користам оваа прилика да нагласам дека кризата не е само кај нас, туку е секаде во светот, но ние остануваме на определбите дека мора да се внимава при користење на енергенсите што ќе ги користиме за затоплување, да се избираат енергенси што се помалку штетни за животната средина, без оглед дали станува збор за дрво, пелети или слично, бидејќи станува збор за нашето здравје, изјави министерот Нуредини, посочувајќи дека секое гориво има пропишани стандарди и при изборот и купувањето треба да се почитуваат и препораките на Владата за штедење на струјата и во рамките на можностите да се внимава на енергетската ефикасност на домовите, но и на институциите.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан истакна дека со пилот проектот во Лисиче, во соработка со повеќе институции и организации ја споиле науката, знаењето, институционалната помош, визијата и оптимизмот заедно.

– Демонстриравме пример на повеќекратна, сеопфатна интервенција да се справиме со загадувањето на воздухот во резиденцијална област. Првпат заокруживме еден комплексен, цел процес. Целта која заедно ја постигнавме со донаторите, институциите и партнерите е тоа што воспоставивме една функционална платформа за заеднички да работиме на справување со загадувањето на воздухот на соодветен и одржлив начин, изјави Григоријан.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцински нагласи дека голем број жители на Лисиче, добиле можност преку програмата на УНДП, финансирана од Шведска, да ги обноват своите домови со што се придонесува за поголема енергетска ефикасност и за намалување на изворите на загадување. Муцунски најави дека водејќи се од овој успешен пример, Општина Аеродром ќе преземе слични чекори.

– Ние како Општина и до сега бевме посветени на изнаоѓање трајни решенија за справување со ова прашање, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на живот во Аеродром е да изнајдеме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста на воздухот, како и на севкупната животна средина, изјави Муцунски.