Проекција на филмови и разговор со авторката Меријам Тафакори во МСУ

Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) вечер од 20 часот во Музејот на современа уметност организира проекција на четири кратки филмови од Меријам Тафакори, наградувана иранско-британска уметница и филмска авторка.
Ќе бидат прикажани филмовите: „Irani Bag“ (2021), „Nazarbazi“ (2022), „Code Names“ (2022) и „Mast-del“ (2023), а по проекцијата ќе следува онлајн-разговор со Тафакори. Модератори на разговорот ќе бидат Ивана Мирчевска и Ѓорги Пулевски.
ФФФ соопшти дека делата на Тафакори се одликуваат со длабока филозофска релевантност и иновативен пристап кон филмскиот јазик.
-Меријам Тафакори е визуелна уметница и филмска режисерка родена во Иран, чии дела комбинираат поезија, архивски материјали и рефлексивна документаристика. Таа користи филмски колаж, поезија и архивски звук и слики, создавајќи динамичен дијалог околу теми како што се меморијата, идентитетот, моќта, интимноста и отпорот. Нејзините филмови поттикнуваат критичка рефлексија и дијалог, истовремено промовирајќи го филмот како медиум за филозофско размислување, соопшти организаторот на проекцијата која е поддржана од Британскиот совет.