Проекции на Народната банка: Раст на БДП од 2,3 отсто годинава, инфлацијата 3,5 отсто


Годинава растот на македонската економија ќе изнесува 2,3 отсто, а инфлацијата ќе се достигне 3,5 отсто, прогнозира Народната банка на Македонија во најновите есенски макроекон0мски проекции што беа презентирани денеска. За наредната година Народната банка очекува раст на БДП од 3,3 отсто, а на инфлацијата натамошен тренд на намалување на ниво од 2,5 отсто.

Како што соопшти гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, најновите проекции се во надолна линија во однос на априлските проекции, што се должи на резултатите од растот во првата половина на годината и послабата странска побарувачка.

 Среднорочно, во 2026-2027 година ќе продолжи закрепнувањето на домашната економија проследено со поповолни услови на страната на странската потрошувачка, и зголемената инвестициска активност, но ризиците и натаму остануваат претежно на надолна линија. 

На растот негативно влијае состојбите со извозот, а позитивно инвестициите и растот на потрошувачката. Растот на личната порошувачка изнесуваше 2,5 отсто, додека на инвестициите 8,2 отсто како резултат на јавните и приватните инвестиции и солиден кредитен раст.

Извозот се предвидува да расте со стапка од 2,8 отсто, додека на увозот со стапка од 3,9 отсто.

Што се однесува до инфлацијата според прогнозата на НБ, таа годинава ќе изнесува 3,5 отсто по ланските 9,4 отсто, што е во согласност со очекувањата во април, иако, како што посочи Ангеловска Бежоска, можен е нагорен притисок кон крајот на годинава, што се должи на споредбената основа во однос на лани.

На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2 отсто при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија. 

„И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4 отсто), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1 процент од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2 отсто од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво што е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута, истакна гувернерката, презентирајќи го најновиот квартален извештај во кој, рече, макроекономската слика за македонската економија не е значително променета во споредба со априлските проекции. 

Според Ангеловска-Бежоска, банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на годинава се очекува кредитниот раст да биде стабилен и да изнесува 7,5 отсто.

„Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2 отсто за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидноса позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9 проценти, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7 отсто, во просек, рече гувернерката.

На прашањето како состојбите во германската економија се одразуваат врз растот на македонската економија гувернерката рече дека движењата во германската економија се неповолни, а германското стопанство најспоро закрепнува меѓу земјите од ЕУ, што се должи на надворешни фактори, но и на домашни структурни фактори кои што го отежнуваат процесот на закрепнување.

„За нас германската економија е клучен партнер. Дури и ако се споредиме во рамки на регионот на Западен Балкан нашата изложеност кон германската економија е најголема, нешто над 40 отсот од вкупниот наш извоз се насочува во германската екон0мија. Оттаму, секогаш ги следиме движењата во германската екон0мија и ги вградуваме при нашите проекции. Всушност една од причините за ревизија за изгледите за растот во нашата екон0мија е намалување на странската побарувачка, а во голема мера на странската побарувачка како доминантен извозен партнер влијае германската економија“, рече Бежоска.

Во однос на висината на јавниот долг, како и задолжувањето кај унгарската Експорт импорт банка и како тоа се одразува на клучните макроекономски параметри таа рече како Централна банка не се вклучени во ова задолжување, но дека една од клучните претпоставки на кои што ја темелеле макроекономската проекција е претпоставката за постепена фискална консолидација.

„Доколку таа претпоставка не се оствари изгледите за реализација на нашето сценарио можат да бидат поразлични“, истакна гувернерката.

„При нашите проекции ја земаме во предвид најновата фискална стратегија која што беше неодамна донесена и која што предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит од 4,9 отсто од БДП оваа година, негово постепено намалување и сведување на 3 проценти во 2027 година. Нема дилема дека фискалната консолидација, односно намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно и за стабилизирање на јавниот долг, затоа што еден од клучните фактори и параметри кои што ја движи патеката на јавниот долг е токму буџетскиот дефицит“, рече Ангеловска Бежоска.

Таа додаде дека во оваа насока се и препораките на сите меѓународни финансиски институции.

„Постепена фискална консолидација и постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и трето интензивирање на структурните реформи кои што се можеби и најзначајни за да може да се поттикне потенцијалот за раст“, посочи Ангеловска Бежоска.

На прашањето дали со унгарскиот кредит и неговото целосно повлекување од една милијарда евра, Македонија има простор за ново задолжување, гувернерката рече дека стабилноста на јавните финансии е клучна од два аспекти – за среднорочна одржливост на јавниот сектор за да може државата да го подготви и да го изгради својот капацитет за споравување со натамошни шокови, и второ, многу е важно за поддршка на монетарната политика.

„Колку фискалната политика е попрудентна во своето однесување, тоа создава простор за релаксирање на монетарната политика, односно посоодветни услови за поддршка на компаниите и на граѓаните преку пониски каматни стапки кои се значајни за поддршка на економијата“, рече гувернерката, додавајќи дека како Народна банка не се вклучени во преговорите меѓу банките и Владата за условите на кредитирањето на компаниите од страна на банките со средства од унгарскиот кредит, па затоа и не може да ги коментираат.