Проекции на КИНЕНОВА, собраниот приход за семејствата на настраданите во Кочани

Од денеска до 3 април (среда) во киното КИНОВЕРЗУМ, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ќе има проекции на филмови од минатите изданија на КИНЕНОВА, а приходот од влезниците ќе биде наменет за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани.
-По најголемата трагедија во поновата македонска историја, ние како фестивалски тим одлучивме дека програмата која требаше да биде само наговестување за десеттото, јубилејно издание на МФФ КИНЕНОВА 2025, да им ја посветиме на настраданите во големата несреќа во Кочани со давање хуманитарен карактер на истата. Колкава и да е таа капка на материјална и духовна поддршка за блиските на настраданите, сакаме да се обидеме да придонесеме кон влевањето на надеж и да покажеме минимум одговорност, но во исто време и со иста љубов да оддадеме длабока почит за оние невини души кои ги загубија животите и оние кои го жртвуваа својот за да ги спасат животите на останатите, велат од КИНЕНОВА.
Ја повикуваат публиката да ги посетат проекциите на филмовите кои, како што велат, внимателно ги избрале и обезбедиле, а кои се дел од најистакнатите и наградени филмови на минатите изданија на КИНЕНОВА и со присуството и купената влезница да придонесе во нивната мисија.