Продуцентката Марија Димитрова избрана за нова претседателка на ДФРМ


На годишното редовно Собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), членовите со мнозинство гласови ја избраа познатата продуцентка Марија Димитрова за нова претседателка на организацијата со мандат од четири години.

Во изборниот процес за претседател на ДФРМ се натпреваруваа двaјца кандидати. Покрај Димитрова, противкандидат беше Мартин Иванов, искусен филмски монтажер, кој низ кариерата монтирал филмови од различни формати и жанрови.

Новата претседателка, Марија Димитрова, доаѓа на оваа функција со богато професионално искуство и достигнувања во продукцискиот дел на филмската уметност.Димитрова  е дипломиран продуцент на Факултетот за драмски уметности – Скопје и дипломиран инженер по информатика од Природно-математичкиот факултет – Скопје.

Со филмска продукција активно се занимава од 2013 година и зад себе има богато искуство во создавање пократки и долгометражни филмови.Во периодот 2014–2025 година, Димитрова работела на 16 кратки играни и документарни филмови, прикажувани на престижни светски фестивали, меѓу кои Санденс, Хоџ Догс, Талин – Black Nights, Сараево, со бројни освоени награди.

Во 2016 година Димитрова ја основа Лист Продукција.Како продуцент на долгометражни филмови, стои зад три мошне успешни остварувањаод македонската кинематографија. Филмот „Сестри“ (премиера во Карлови Вари, Специјална награда од жирито, македонски кандидат за Оскар) е филм прикажан на повеќе од 40 фестивали и еден од првите македонски филмови на Netflix. Филмот „Домаќинство за почетници“ кој  премиерно беше прикажан на Фестивалот воВенеција, каде ја освои наградата Queer Lion, беше исто така македонски кандидат за Оскар, дистрибуиран од Universal Pictures и Focus Features и е прв македонски филм со глобална дистрибуција. Последниот продуциран филм „Ера“ја имаше својата премиера во Бруклин, a македонската премиера се одржа на фестивалот Синедејс, каде ја освои наградата за најдобар филм.

Димитрова е член на Европската филмска академија, како и на престижните продуцентски мрежи EAVE и ACE Producers. Во 2022 година беше избрана како Producer on the Move на Канскиот филмски фестивал. Член е на ДФРМ од 2018 година.

Досегашен претседател на Друштвото на филмски работници, во два мандата, беше Игор Иванов – Изи, режисер и сценарист, со повеќегодишно професионално искуство во филмската индустрија.