Продолжуваат археолошките истражувања на Врбјанска Чука

Годинава се изведува десеттата археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп. Целта на ова мултидисциплинaрно истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Во текот на овогодишното истражување кое се реализира во август, како што посочуваат од Центарот за истражување на предисторијата, проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда.
Овој неолитски објект импресионира со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит. Во неа присутни се неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.
Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Кирил и Методиј“. На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации кои непрестано се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и бројни европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Завод и музеј – Прилеп, а во која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Исто така, и оваа година теренските истражувања на Врбјанска Чука традиционално се завршуваат со концерт на тумбата. Оваа година ќе настапи џез составот Next to Silence, кој за првпат ќе изведе дел од својот репертоар во анплагд издание. Концертот е дел од континуираната соработка меѓу Прилепскиот џез викенд, Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп, кој пак овозможува поинаква перспектива на овој археолошки локалитет. Овој настан придонесува кон поголемо акцентирање на предисториското културно наследство, но и за афирмирање на локaлитетот како можна туристичка одредница која ќе ги истакне културните потенцијали на Врбјанска Чука и Пелагонија, наведуваат од Центарот за истражување на предисторијата.